Уште пред да биде избран за премиер, Димитар Ковачевски најавуваше дека ќе упати покана за средба со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, на која, како што говореше, ќе се разговара за актуелните прашања, како и да се изнајде решение за закони од интерес на граѓаните.
Иако поминаа три месеци откако Собранието ја изгласа новата Влада на чело со Ковачевски, ваква средба се уште не се остварила.
Во однос на прашањето дали и кога може да се очекува состанок меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, од Илинденска ни одговорија:
„Премиерот Ковачевски е отворен за средба со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. Таа ќе се случи кога ќе бидат создадени конструктивни услови за тоа“.
Во однос на тоа, од кабинетот на Мицкоски за Фокус велат дека времето за конструктивност полека но сигурно изминува, а, како што истакнуваат, скандалите во Владата секој ден се бројат.
„Жалиме што се уште не може Ковачевски да излезе од сенката на деструктивност и немање вистинска стратегија за да биде конструктивна власт. ВМРО-ДПМНЕ е на страната на народот и во иднина заедно со народот ќе дејствува. Полека но сигурно истекува времето на Ковачевски да биде конструктивна власт“, велат од таму.
В.С.