На официјалните свечености во Париз организирани на 13 и 14 јули по повод 14 Јули – Националниот празник на Франција, познат како Денот на Бастилја, присуствуваа шефови на влади, претседатели или претставници од над 30 земји, меѓу кои беше и македонскиот вицепремиер и воедно министер за европски прашања, Беким Сали.
–На Националниот празник на Франција, ми претставува особена чест што сум во Париз, по покана на претседателот Емануел Макрон, за да присуствувам на официјалните свечености организирани по повод 14 Јули.
На францускиот народ и на Француската Република им го честитам овој значаен национален празник, изразувајќи искрена благодарност за пријателството, партнерството и континуираната поддршка што Франција ѝ ја дава на Република Северна Македонија, особено на нашиот европски пат – порача Сали.
Во рамки на оваа посета, тој присуствуваше и на состанокот на „Коалицијата на волните“ организиран од Макрон, а веднаш потоа замина во Киев, каде на 15 јули учествуваше на Пленарна сесија во рамки на Самитот Украина – Југоисточна Европа, одржан по повод Денот на државноста на Украина.
–На Самитот Украина-Југоисточна Европа, организиран по повод Денот на државноста на Украина, ја потврдивме цврстата поддршка на Северна Македонија за Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет. Ќе продолжиме да стоиме покрај украинскиот народ и да придонесуваме кон мирот, безбедноста и обновата на Украина.
Како земја кандидат за членство во Европската Унија со долгогодишно искуство во пристапниот процес, подготвени сме да го споделиме нашето знаење и искуство во поддршка на европскиот пат на Украина. Заедно градиме посилна, побезбедна и пообединета Европа – порача Сали.
Како и зошто било одлучено вицепремиерот и министер за европски прашања да ја претставува Македонија, наместо државата да биде претставена на повисоко или највисоко ниво во Париз (и потоа во Киев), каде од останатите држави во најголем дел присуствуваа или премери или претседатели?
Имено, меѓу присутните беа генералниот секретар на НАТО Марк Руте, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, полскиот премиер Доналд Туск, украинскиот претседател Володомир Зеленски…

Потоа, можеа да се забележат и српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот претседател Бајрам Бегај, молдавската претседателка Марија Санду, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, словенечкиот премиер Јанеш Јанша, додека, условно кажано, од регионов на пониско ниво беа претставени Бугарија преку шефицата на дипломатијата Весислава Петрова Чамова, Турција преку Хакан Фидан итн.
Како што не информираа од Владата, поканата од францускиот претседател Макрон била упатена до премиерот Христијан Мицкоски, меѓутоа било одлучено во Париз да присуствува вицепремиерот Сали, од причина што во тој период се одвиваше процесот на реконструкција на Владата, т.е. беше закажана собраниска седница за избор на нови министри.
„Ве информираме дека поканата (од Макрон) беше упатена до претседателот на Владата (Мицкоски). Меѓутоа, со оглед на тоа што во меѓувреме се одвиваше процесот на реконструкција на Владата, како и поради закажаната седница на Собранието, на официјалните свечености на Националниот празник на Франција присуствуваше вицепремиерот и министер за европски прашања, Беким Сали“, гласи одговорот што го добивме од Илинденска.
Исто така, и до Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упативме прашање зошто земјава не беше претставена на највисоко ниво во Париз, како најголем дел од останатите држави, меѓутоа досега не добивме одговор. Инаку, Сиљановска вечерта на 14 јули присуствуваше на приемот во Скопје организиран од француската амбасада по повод Националниот ден на Француската република.
„ Амбасадорот Кристоф Ле Риголер нѐ потсети на Француската револуција и нејзината длабока верба во слободата, братството и еднаквоста, на непресушната демократска инспирација на „Француската декларација за слободите и правата на човекот и граѓанинот“. Македонско-француското пријателство, втемелено на меѓусебна почит, особено се гради во рамките на Франкофонијата, како и низ богатата образовна, научна и културна размена. Искрени честитки“, напиша таа на Фејсбук.
Претходно, поточно на 12 јули, претседателката на државата присуствуваше на Галичката свадба и го отвори Охридско лето, додека следниот ден (13 јули), како што самата објавила, во Охрид имала долг разговор со учесниците во десеттото издание на програмата „Родум од Македонија“, придружени од претставници на „Обединета македонска дијаспора“.
„Програмата им овозможува преку престој и практична работа, одблиску да го запознаат македонскиот политички систем, историја и култура. Во прашање е вреден проект, насочен кон обнова и засилување на врските со студентската популација со македонски корени, со цел да се поттикне нивниот интерес за соработка, или евентуално враќање во татковината. Наша обврска е да ги поддржиме најдобрите, да создадеме услови младите да ја градат иднината дома и да ги инспирираме заминатите да се вратат“, порача претседателката Сиљановска-Давкова.
Како што е познато, премиерот Мицкоски се сретна со Макрон и со Мерц минатиот месец на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Црна Гора, каде во фокусот беше француско-германскиОТ нон-пејпер за постепена интеграција и забрзано проширување на регионот. Тогаш, македонскиот премиер изјави дека имал „пријателска и срдечна средба со францускиот претседател“, на која разговарале за регионот, за прашањата важни за иднината на граѓаните и за европските перспективи.
–Ова се моменти кога практично Европската унија, односно Европскиот совет јасно кажува дека процесот на проширување останува жив. Она што е наша задача како Влада е да тој процес го зачуваме, да напредуваме, но истовремено достоинството да не го изгубиме како што тоа беше пример во минатите децении кога станува збор за нашите македонски аспирации за членство во рамките на Европската унија – изјави тој во Тиват.

По враќањето во Скопје, пак, оцени дека пораките испратени од Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват биле најсилните што ги слушнал во изминатите 2 години, нагласувајќи дека процесот на проширување на ЕУ останува отворен и активен. Притоа, посочи дека Макрон и Мерц испратиле јасна порака дека земјите од регионот треба да продолжат со реформите и да напредуваат врз основа на заслуги, а не преку билатерални спорови.
Осврнувајќи се на забелешките дека Македонија не била спомената на прес-конференцијата во Тиват и на ставовите дека без уставни измени нема напредок во евроинтеграциите, Мицкоски истакна дека неговиот оптимизам произлегува од директните разговори што ги имал со Макрон и Мерц. Како што порача, тој бил единствениот лидер од Западен Балкан кој имаше билатерални средби со нив.
–Точно знам што се разговараше на тие состаноци и што ќе следи во периодот пред нас. Добив одговори на некои од дилемите што ги имав и токму затоа сум оптимист – рече тој, патем додавајќи дека додека е премиер никогаш нема да поддржи уставни измени „без јасен крај и без гаранции дека процесот ќе започне и ќе заврши“.
Влатко СТОЈАНОВСКИ








