Зошто руски фирми ги бираат Србија и Црна Гора пред Македонија?

Бизнисот ја гледа можноста за работа кај нас, пред се како алтернатива на достапност до европските пазари, вели во интервју за неделникот „Фокус“ Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора.

by Фокус

Руските компании во Македонија се во мал број пред се поради традиционалната перцепција за малиот пазар на кој можат да делуваат, вели во интервју за неделникот „Фокус“ извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора Дејан Бешлиев.

Бројот на (руски) компании е незначителен во однос на регионот. Сметам дека бизнисот ја гледа можноста за работа кај нас, пред се како алтернатива на достапност до европските пазари – вели Бешлиев.

Во однос на прашањето дали има последиците за руските компании што функционираат во Македонија, односно дали санкциите ги опфатија и фирмите со руски капитал, Бешлиев одговара:

„Засега, од тоа што ми е познато, компаниите се регистрирани како македонски правни лица. Врз основа на тоа дека се со руски капитал, тие се третирани како и останатите странски компании во нашата земја“.

Притоа, тој посочува дека далеку поголем е бројот на руски компании во Србија поради, како што вели, Србија се смета за пријателска земја. Голем број руски фирми има и во Црна Гора, што, според него, е резултат на фактот што многу руски државјани имаат свој имот и државјанство.

И во првиот бран на санкции во 2014 година, огромен број на западни компании ги преселија своите бизниси од Руската Федерација во Белорусија и Полска, со цел да ги одржат контактите и пазарите до кои стигнале со макотрпна работа и вложен труд. Бизнисот секогаш се обидува да го најде својот пат, без разлика на условите во кои е приморан да делува – вели Бешлиев.

Во контекст на неговото тврдење дека бизнисот е глобализиран и секое изместување предизвикува тешки последици, поради што деловните луѓе се снаоѓаат на најразлични начини, тој напоменува неколку факти.

Максималното намалување на испораките во Русија имало во април и мај, а сега има закрепнување на извозот. Имено, шест земји од ЕУ до јуни го вратија извозот и увозот со Русија на нивото од февруари оваа година. Меѓу нив се Бугарија, Словенија, Хрватска, Кипар, Луксембург и Естонија.

На пример, во споредба со февруари, извозот од Летонија е зголемен за 67 отсто, Естонија – 19 отсто, Словенија – 37 отсто, Хрватска – 28 отсто, Бугарија – 25 отсто, Кипар – 12 отсто и Луксембург – 7 отсто.

Увозот на стоки од РФ бележи пораст во десет европски земји: Словенија за 4,4 пати, Хрватска за 2,7 пати, Чешка за 2 пати… Потоа, тука се Малта – 88 отсто, Шпанија – 46 отсто, Белгија – 39 отсто, Луксембург – 22 отсто, Кипар – 13 отсто, Естонија – 11 отсто и Бугарија – 10 отсто – вели Бешлиев.

Инаку, „Фокус“ ја обработуваше темата за преселба на рускиот капитал на Балканот по воената инвазија во Украина, при што обелоденивме дека во земјава моментално делуваат над 80 фирми во (ко)сопственост на други руски фирми и државјани (без да се сметаат фирмите со руски капитал што делуваат преку трети држави), од кои 10 се основани годинава, а 8 по интервенцијата во Украина.

Целиот разговор прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости