Шестмесечните борби меѓу Русија и Украина, две земјоделски супер сили, го втурнаа глобалниот систем на храна во целосна катастрофа, оставајќи милиони луѓе соочени со глад.
Војната ја влошува кризата која веќе е поттикната од климатските промени, зголемените трошоци за живот и зголемувањето на цената на ѓубривата што ја создава најакутната глобална криза со храна во последните децении.
Кризата се чувствува насекаде во светот, во нашата земја состојбата не е поразлична, најмногу поскапе храната, енергенсите и транспортот.
Просечната плата порасна, но на сметка на мал број на дејности, а најмногу профит се уште остваруваат банките поради зголеменото кредитирање.
Храната станува луксуз
Поскапувањето на храната повлече раст на цените на сите останати услуги, па така во земјава трошоците за електрична енергија на годишно ниво се зголемиле за 20,2 проценти, а транспортот скокнал за 24 проценти.
Вртоглав пораст на цените има особено кај основните прехранбени артикли – лебот, млекото и млечните производи. Државниот завод за статистика во својот извештај укажува дека овие трошоци за една година се зголемиле дури за 24,3 проценти.
На годишно ниво лебот и житата поскапеле за 36,5 проценти, месото за 21,4 проценти, масла и масти за 51,9 проценти, млеко, сирење и јајца за 23,5 проценти. Цените на шеќерот, мармаладот, чоколадото и кондиторските производи скокнале за 22,2 проценти, како и на кафето, чајот и какаото од 17,5 проценти.
Ова значи дека цената на храната и трошоците за живот вртоглаво растат Статистичарите за само еден месец утврдиле зголемување на трошоците на 1,9 %, додека на годишно ниво забележана е инфлација од дури 16 проценти.
За само еден месец е забележан скок на цените кај лебот и житата за 4.8 %, сирењето и урдата за 4.5 %, млекото за 3.6 %, свежото и разладеното овошје за 2.9 %, виното за 2.5 %, месото за 1.8 %.
До небо се вивнати и цените на шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи и жестоките пијалаци кои во јули во споредба со јуни пораснале за 1.1 %, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 0.4 % и кафето, чајот и какаото за 0.2 %.
Дали реално порасна просечната нето-плата
Ваквото зголемување се должи пред сè на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Објекти за сместување и сервисни дејности со храна, 23,1 процент, Уметност, забава и рекреација (17,5 проценти) и Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (16 проценти).
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, има во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (6 проценти), Трговија на големо и трговија на мало; Поправка на моторни возила и мотоцикли (5,7 проценти) и Рударство и вадење на камен (4,3 проценти).
Во кризата најголем профит имаат банките
Со зголемувањето на кризата, расте кредитирањето и обемот на работата на банките, така што во јуни годинава, во однос на ланскиот јуни, евидентиран е раст на вкупните кредити за 10 проценти.
Трите најголеми банки веќе ги објавија шестмесечните неревидирани финансиски извештаи на Македонската берза. Со актива од 2,4 милијарди евра на 30.6.2022 година, Комерцијална банка е најголемата. Банката во првите 6 месеци од годинава остварила приходи од камати во вкупен износ од 24,3 милиони евра, додека за провизии и други надоместоци наплатила 13,7 милиони евра. Добивката пред оданочување на банката на 30.6.2022 година е 18,4 милиони евра. Минатата година првото полугодие банката го завршила со добивка од 13,5 милиони евра.
Стопанска банка е втора по големина со актива од 1,9 милијарди евра на 30.6.2022 година. Банката остварила вкупни приходи од камата 34,1 милион евра, а приходите од провизии и надоместоци и се 11,95 милиони евра, со што го задржала непишаното правило на соодносот на парите од 1:3. Стопанска банка од првото полугодие има добивка пред оданочување од 26,5 милиони евра, додека во истиот период минатата година, добивката ѝ била 19,8 милиони евра.
НЛБ банка како трета по големина на крајот од првото полугодие од годинава има актива од 1,7 милијарди евра. Приходите од камати на 30 јуни годинава ѝ биле 27,2 милиони евра, а приходите од провизии и надоместоци дури 17,9 милиони евра. НЛБ банка на 30 јуни има евидентирано добивка пред оданочување од 25,2 милиони евра, а лани шестмесечната добивка ѝ била 20,4 милиони евра.
С.Т.