Зошто Панделески и Митровски заработија обвинение во „Империја“ и како се ослободиле од акции и удели?

Бизнисменот Цветан Панделески, кој не призна вина како други осомничени и ќе заврши на обвинителна клупа, неодамна се ослободи од акционерски капитал во ЗК Пелагонија во корист на фирма-тендерџија и партиски донатор, а второобвинетиот Зоранчо Митровски излегол од компаниите од Езимит групацијата уште пред да биде покрената истрагата.

by Фокус

Непосредно пред да биде поднесен обвинителниот акт во предметот „Империја“, еден од обвинетите се ослободил од дел од акционерскиот капитал, додека второобвинетиот излегол од сопственичката структура на неколку компании пред да биде покрената истрага, односно кога се преземаа предистражни дејства.

Обвинителството за организиран криминал поднесе обвинение против брокерот Јованче Тасковски и двајца добро познати бизнисмени – Цветан Панделески и Зоранчо Митровски, кои одбиле да склучат спогодби за признавање на вина како Сашо Мијалков, Орце Камчев и повеќе други осомничени за перење пари и даночно затајување.

ПРЕНОС НА АКЦИИ ПРЕКУ НОВА ФИРМА

Како што веќе објави „Фокус“, акции на Панделески во Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ неодамна преминале во сопственост на компанија што неодамна самиот ја формирал и набргу потоа ја препуштил на познат бизнисмен од Кичево, која досега добила над 70 тендери, а пред две години се јави на листата на донатори на ДУИ.

Според информациите објавени од страна на Македонска берза, 20 .000 акции неодамна се пренесени од Панделески кон друштвото „НОВА АГРО ИНВЕСТ“, со што оваа компанија стекна сопственичко право врз 9,86 проценти од вкупниот број на акции, исто колку „ОРКА“ на Камчев, додека „Софија Градба“ на Мијалкови поседува 22,69 проценти од акциите.

Податоците од Централниот регистар покажуваат дека „НОВА АГРО ИНВЕСТ“ е регистрирана со седиште во Скопје во јуни годинава, или непосредно пред да се реализира преносот на акциите до крајот на истиот месец. Фирмата била основана од Панделески, но само еден месец подоцна тој отстапува од сопственичката и менаџерската структура на компанијата.

Така, единствен сопственик на оваа компанија е кичевската фирма „АС-СЕЊАК“ основана во 2000 годиначиј единствен сопственик и управител е бизнисменот Селаудин Арифи, кој воедно е управител и на „НОВА АГРО ИНВЕСТ“, чија основна главнина изнесува 4,4 милиони евра.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, оваа компанија досега има склучено 77 договори за јавна набавка со разни институции и општини, чија вкупна вредност изнесува над 10 милиони евра. Покрај останатото, компанијата соработувала и со јавни органи раководени од кадри на ДУИ, која примила донација токму од оваа компанија за време на изборната кампања во 2020 година во вредност од 150.000 денари.

ИЗЛЕГУВАЊЕ ОД СОПСТВЕНИЧКАТА СТРУКТУРА

Што се однесува до второобвинетиот Митровски, почесен конзул на Латвија во земјава, кој беше осомничен и во случајот „Поштенска банка“, се поврзува со штипската групација „Езимит“, меѓутоа отстапил удели во 2017 година, кога веќе се преземаат предистражни дејства, а една година потоа е покрената истрага.

Една од нив е компанијата за издавање и управување со соопствен недвижен имот „Езимит Вино“, фирма-мајка на друштвото за производство на вино „Езимит ДООЕЛ“, каде, според историјатот на промени, тој бил косопственик до април 2017 година. Покрај тоа, Митровски во исто време излегол и од сопственичката структура на фирмата за трговија „Езимит Инвест“.

Според опишаните дејствија во обвинителниот акт, прво и второобвинетиот и веќе едно осудено лице, во периодот од мај до август 2013 година ги искористиле своите овластувања како одговорни лица – членови на Одбор на директори на правно лице и претставници на акционерскиот капитал.

Тие заедно по претходен договор, со умисла помогнати од сведок-соработник на правдата и веќе осудено лице во предметот, прибавиле значителна имотна корист во износ од 4.000.000 евра за три правни лица, а на штета на оштетеното правно лице и 150 малцински акционери. Со намера да го прикријат изворот од казненото дело, прво и второобвинетиот паричните средства ги пренесувале на жиро сметки на други правни лица“, соопштија од обвинителството.

Како што е познато, осомничени во овој предмет беа и поранешниот шеф на тајната полиција Мијалков, бизнисменот Камчев и други лица, главно управители на компании, но тие се спогодија со судот, признаа вина и се одрекоа од дел до својот имот во замена за мали затворски казни.

Влатко Стојановски

Поврзани новости