По неодамнешниот пресврт на судењето за „Организаторите на 27 април“, кој се случи откако Обвинителството даде мислење дека Законот за амнестија треба да важи и за обвинетите Миле Јанакиески, Спиро Ристоски и Трајко Вељаноски, се наметнува прашањето, зошто Обвинителството се предомисли, бидејќи доколку во старт го имале ваквото мислење, воопшто и немало да биде поднесено обвинение против овие поранешни функционери. Или пак, зошто согласно нивниот заземен став, не го повлечат обвинението, туку решаваат жешкиот костен да му го префрлат на судијата Илија Трпков.
Судијата Трпков досега во два наврати одлучуваше дека амнестијата не ги опфаќа овие обвинети, но Апелација бараше и по трет пат да се произнесе. На прашање на „Фокус“ кој бил досегашниот став на Обвинителството за ова прашање, и дали до сега дале позитивно или негативно мислење, ни одговорија дека тие за прв пат директно се изјасниле пред неколку дена.
-Во досегашната постапка, ниту Јавното обвинителство ниту Основниот кривичен суд Скопје во дадените мислења и пресуди не се имаат произнесено експлицитно во поглед на важењето на Законот за амнестија за конкретните обвинети. Ова впрочем произлегува и од пресудата на Апелацискиот суд Скопје кој го врати предметот на повторно одлучување токму со прецизни задолженија за произнесување во поглед на ова правно прашање.
Ова е првпат за прашањето да се одлучува на стручен колегиум на Јавното обвинителство во проширен состав, ни одговорија од Обвинителството.
Надлежна за предметот е обвинителката Искра Хаџи-Василева, но сепак оваа одлука таа не ја донела самостојно, туку како што потенцираат од Обвинителството, мислењето било донесено на стручен колегиум.
ЖЕШКИОТ КОСТЕН ПОВТОРНО ВО РАЦЕТЕ НА КРИВИЧНИОТ СУД
Овој предмет веќе еднаш заврши со осудителна пресуда, која падна на Апелација, односно второстепениот суд го врати случајот на повторно судење. Едно од прашањата кое според Апелација требаше да се отвори повторно беше селективната амнестија, со која беа амнестирани дел од обвинетите за првиот предмет за „27 април“.
Поточно, за Кривичниот суд немаше дилема дека амнестијата не важи за обвинетите организатори на крвавиот четврток, но Апелација забележа дека не се посветиле доволно на прашањето.
Но, наместо самите да го решат ова важно прашање, тие жешкиот костен повторно го префрлија во рацете на колегите од Кривичниот суд. Затоа и добија жесток одговор.
„Апелациониот суд можел брзо и мериторно да одлучи по жалбите на обвинетите лица, особено што причина за укинување на затворските казни е примената или непримената на Законот за амнестија, без притоа да навлага во анализа на доказите и утврдување на фактичката состојба. Доколку причината за укинување на пресудата е од техничка природа, односно примена на Законот за амнестија, тогаш судот можел веднаш да одлучи“, потенцираа од Кривичниот суд.
Тогаш од првостепениот суд ги потсетија колегите од Апелација дека имаат законска можност, но и обврска, мериторно да одлучуваат со што ќе придонесат во неселективна борба со организираниот криминал и брза и ефикасна правда.
На повтореното судење, одбраната повторно побара да се примени Законот за амнестија и судењето да запре, но судечкиот судија повторно го одби ова барање како неосновано, со образложение дека законот не се однесува на овие обвинети.
По жалбата во Апелација, овој суд повторно ја прифати жалбата на обвинетите, го укина решението на судијата и му наложи повторно да одлучува.
„Апелациониот суд донесе процесно решение, откако процени дека првостепениот суд не посветил доволно внимание, односно не водел постапка за кривично-правен акт на која ќе ги изведе доказите против обвинетите, туку ценел дали тие подлежат на Законот за амнестија или не“, велат од Апелација.
Сега, со повторување на судењето, судечкиот судија требаше и по третпат да се изјасни по ова прашање. Очигледно е дека со писанието од Обвинителсто од судијата се бара да се произнесе за прашањето за амнестијата, за да се види дали судењето може да продолжи или ќе запре тука.
Со претходната пресуда од Кривичен, за делото „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, на шест и пол години казна затвор беше осуден поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, на по шест години и три месеци беа осудени ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, додека поранешниот шеф на УБК, Владимир Атанасовски, доби шест години затвор.
ВРХОВНИОТ СУД СЕ ПРОГЛАСИ ЗА НЕНАДЛЕЖЕН
Неодамна за ова прашање одлучуваше и Врховниот суд. Но, врховните судии се прогласија за ненадлежни, односно ја одбија иницијативата поднесена за утврдување на Начелно правно мислење по ова прашање, а поднесена од адвокатот Антонио Апостолски.
Имено, Апостолски бараше од највисокиот суд да пресече, бидејќи, како што појаснува во иницијативата, „за одбраната се јавува неконзистентност во поглед на судското толкување на времето и опсегот на примената на Законот за амнестија“.
„По прашањето за примената на законската амнестија кон овие обвинети, судската пракса, но и анализата за примена на законските одредби за амнестија кон овие обвинети е ограничена на предметните три одлуки, за кои несомнено одлучувачката одлука треба да ја донесе судечкиот совет во Кривичниот суд, со оглед дека ова прашање се наметнува како ограничувачко при понатамошно постапување…“, се наведуваше во иницијативата.
Адвокатот Апостолски од Врховниот суд побара да заземе став по три прашања:
1. Дали Законот за амнестија се однесува на сите лица кои се обвинети во својство на подготвувачи односно, организатори на кривичниот правен настан, или пак само на оние лица кои вршеле службени овластувања?
2. Дали Законот за амнестија важи за лица за кои во моментот на донесувањето на законот не се водела кривична постапка, бидејќи обвинението против нив е донесено по донесувањето на законот?
3. Дали Законот за амнестија може да се примени во конкретниот случај и без утврдување на фактичката состојба како што тоа беше сторено и за т.н. извршители на дејствијата во Собранието, за кои веднаш по донесувањето на Законот за амнестија тековната постапка беше запрена без анализа на доказите?
На крајот, адвокатот заклучува дека Врховниот суд е должен да утврди начелен став заради обезбедување единство во примената на законите пред судовите во државата.
Но, Врховниот суд, без многу дискусија, одлучи да не ја усвои иницијативата.
Поточно, појаснуваат дека не може Врховен да толкува дали амнестијата е применлива и за други лица, бидејќи законот прецизирал кој е ослободен од вина. Немало ниту различна судска пракса за примена на законот, за да можат да постапуваат.
Во наменскиот Закон за амнестија од 2018 година е наведено дека амнестијата важи за лицата што сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието на 27 април 2017 година, но со неколку исклучоци.
Поточно амнестијата не важи за оние за кои има сомнение дека учествувале во подготвувањето или организирањето на настаните, оние кои биле насилни или носеле оружје. И до тука се чини сѐ е јасно. Законот не ги опфаќа „организаторите на 27 април“, на кои им се суди во вториот предмет.
Но, забуната настанува бидејќи во еден дел од одредбата се вели лица што постапиле спротивно на службените овластувања при вршење на кривичното дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“.
Оттука се наметнува дилемата дали доколку обвинетите не се службени лица, автоматски значи дека и за нив важи амнестијата? Тоа го побара и Апелација:
„Да го расчисти прашањето за опфатот на обвинетите лица со овој закон, кои ipso jure и ipso facto немале никакви службени овластувања, а во врска со делото од членот 313 од КЗ.“
Судијата Трпков следното рочиште го закажа за 23 јануари кога и ќе треба да донесе одлука, по што ќе биде познато дали предметот ќе пропадне или не. Инаку, од Обвинителството бараат судењето да продолжи за екс директорот на УБК, Владимир Атанасовски, бидејќи според нив, тој не е опфатен со амнестијата.
Дел од оваа група на обвинети е и експремиерот Никола Груевски, но постапката за него беше запрена сѐ до негово враќање во државата.
Валентина Вурмо