Зошто никој не одговара за физичките напади врз новинарите?

by Fokus 12:01
12:01

Текстот е објавен на 27 мај, 2016 година во неденикот „Фокус“ во бројот 1077

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

„Сакам новинарки кои клекнуваат“. Ваква изјава пред нецела година даде тогашниот министер за одбрана во Србија, Братислав Гашиќ, откако на прес-конференција, новинарка од Б92 потклекна за да не им пречи на камерманите додека снимаат. Тој по неколку дена се извини за навредливиот и шовинистички коментар упатен кон новинарката, но тоа не го поштеди од одговорност. Премиерот Александар Вучиќ експресно го смени од министерското столче, додека новинарите во знак на револт и поддршка на својата колешка излегоа на протести пред српската влада, тврдејќи дека нема да дозволат политичарите да бришат под со нив.

Само таа изјава беше доволна министерот да биде сменет од функцијата, и тоа во земја на Балканот, која е сосед на Македонија, чија влада, слично како и онаа на Груевски, во својот зенит на моќта, е обвинувана за популизам и за недостиг од демократија. Да не зборуваме за другите европски земји каде што работата на новинарите се почитува, а нивниот збор вреди.

За разлика од таму, новинарството во Македонија, во последните неколку години го достигна дното, а повеќе критички новинари се редовна мета на вербални напади, закани по животот, имотот, тужби од владини и партиски функционери, додека некои од нив „изедоа“ тупаници и шипки, завршија со раскрвавени глави, со што беше испратена пораката „дека секој мора да внимава што пишува или ќе го снајде истото“.

Веќе десет години со државата владее ВМРО-ДПМНЕ, а состојбите во новинарската професија се сѐ пострашни. Дел од поважните национални медиуми се поткупени од власта и работат по нејзина директива, додека оние кои критички ја опсервираат работата на владата, вообичаено се познати во јавноста како предавници, платеници, соросоиди и партиски послушници на СДСМ. Па, затоа многу често се соочуваат со повици за линч, непознати маскирани лица ги пречекуваат пред нивните домови и им удираат ќотек како опомена да внимаваат што пишуваат.

Македонија е меѓу ретките земји во Европа, каде што новинар беше осуден на четири и полгодишна затворска казна за напишан текст. Томислав Кежаровски одлежа пет месеци во притвор во Шутка и повеќе од една година во домашен притвор поради наводно откривање идентитет на заштитен сведок, но под притисок на јавноста, европските и меѓународните новинарски организации, власта реши да му ја намали казната на 2 години. Со ова тренирање строгост, владејачката партија испрати порака до сите новинари, што може да им се случи ако продолжат да ја критикуваат.

ВО МВР НЕМАЛО ВИСТИНСКА ИСТРАГА

Во последните три години регистрирани се 27 напади врз новинарите, и тоа најчесто преку физичко насилство, вербални напади, закани по животот, уништување на опрема и имот, попречување на новинарите да известуваат од настани… Сите случаи на претепани новинари се пријавени во Министерството за внатрешни работи, но поранешното раководство под директна палка на Гордана Јанкулоска ги криело клучните докази, со што се оневозможувале истрагите и никогаш досега не е откриено кои се напаѓачите, која е причината за нападот и под чија директива се испратени. Особено ако станува збор за новинарите што ја критикуваат власта. Карактеристично за Македонија е и тоа што досега имаше неколку напади врз новинари од министри во владата на ДПМНЕ, кои не понесоа никаква морална и политичка одговорност (оставка) за тоа.

На листата на Здружението на новинарите може да се најдат имињата на сите нападнати новинари, и на тие што ја критикуваат работата на власта, но и на тие што веќе години наназад се нејзини поддржувачи. Според пријавите во МВР, кај повеќето од нападнатите се користи истата стратегија – тројца маскирани напаѓачи облечени во црно ги пречекуваат новинарите во доцните часови пред нивните домови, ги напаѓаат со метални шипки и тупаници по главата, а и од фотографиите што излегоа во јавноста може да се забележат раскрвавени глави, модринки по целото тело и отоци.

Последен таков напад се случи минатата недела, кога тројца маскирани лица физички го нападнале сопственикот на интернет-порталот „Репортер“, Горан Наумовски – Кизо пред неговиот дом во вечерните часови. Тој заврши во болница со тешки повреди. Порталот е познат како медиум што ја критикува работата на власта, но сѐ уште не се знаат точните причини за нападот, со оглед на тоа дека жртвата е сопственик и на неколку кафулиња, па се појавија шпекулации дека и тука може да се бараат причините.

Сепак, 2015 година ќе остане позната како рекордна година во напади врз медиумски работници, новинари, сниматели и фоторепортери. Тогаш дојде до ескалација на состојбите, особено во првите шест месеци од годината, кога лидерот на СДСМ, Зоран Заев, почна со објавувањето на „бомбите“. Само во таа црна статистика се регистрирани 12 напади врз новинари, меѓу кои прв на листата е Саше Ивановски – Политико, уредник и сопственик на порталот „Мактел“. Тој во мај лани беше нападнат пред неговиот дом во скопската населба Кисела Вода, исто така од двајца маскирани напаѓачи кои со метални шипки и тупаници го удирале по главата. Ивановски заврши во болница. Но, иако случајот беше пријавен во полиција, досега сѐ уште не се познати имињата на напаѓачите.

Само два месеца подоцна, во јули истата година, за време на отворањето на фестивалот Охридско лето, членови на обезбедувањето на министерот Зоран Ставрески ја одзеле камерата од Ивановски и ги избришале сите фотографии од министерот и од поранешната прва полицајка Гордана Јанкулоска. Неколку дена подоцна, уредникот на „Мактел“ се соочи со уште еден физички напад, но овојпат од вицепремиерот Владимир Пешевски. Тој го нападна Ивановски со тупаници пред својата кафе-слаткарница „Пастел“, кога новинарот сакаше да му постави прашање следејќи го министерот до неговиот автомобил. Нападот беше снимен на камера и објавен по повеќето медиуми, но Пешевски не почувствува никаква одговорност да поднесе оставка, па дури и експремиерот Никола Груевски со денови го избегнуваше одговорот на прашањата на новинарите за овој скандал.

Со вербален напад од политичар се соочил и новинарот и претседател на ЗНМ, Насер Селмани. Тој лани во мај добил вербални закани по животот од министерот за економија, Беким Незири.

Но, тука не завршуваат нападите врз новинарите. Лани, во јули физички беше нападнат и сопственикот на порталот „Доказ“, Марјан Стаменковски, кој доби сериозни повреди на главата и скршен нос. Исто така, со напад врз својот имот се соочи новинарот Бранко Тричковски, чие приватно возило беше запалено од непознати лица, додека на новинарот Борјан Јовановски му беше испратен погребен венец во неговиот дом, пред неговата сопруга и двете деца.

Една година порано, во 2014-та, новинарот Бесим Ибрахими од весникот „Лајм“ беше приведен и против него беше поднесена кривична пријава за учество во толпа и спречување службено лице да си ја врши должноста. Подоцна, сите обвиненија против него беа отфрлени.

Заедничка карактеристика за овие напади е тоа што сите се случуваат во периодот додека со МВР раководи Јанкулоска, а за ниту еден од нив досега не се откриени напаѓачите, ниту е потврдена причината или мотивот на напаѓачите.

„Фокус“ испрати неколку прашања до МВР во периодот кога со него раководеше министерот Оливер Спасовски, кој по стапувањето на функцијата во преодната влада вети дека ќе направи сѐ за да ги расчисти овие случаи. Од МВР тврдат дека изработиле анализа за да проверат до каде се истрагите за овие случаи, со оглед на тоа што во зависност од лицето што било нападнато, имало очигледна разлика во обемот, интензитетот и динамиката на спроведување на оперативните истражни дејствија од страна на службите во Министерството.

Најголем проблем претставува тоа што во одредени предмети  пропуштени се дејствија и постапки кои требало да бидат преземени во кратки временски интервали за да се добијат валидни резултати. Исто така, постојат согледувања дека во одредени предмети недостасуваат докази или елементи, кои во рамките на истрагата би придонеле за откривање на сторителите – се наведува во одговорот од МВР.

Но, сега повторно на министерската фотелја се врати Митко Чавков, кој во времето на Спасовски беше дополнителен заменик-министер, со што останува да виси прашањето – дали воопшто ќе имаат некаков конечен исход почнатите истраги за нападнатите новинари?

НАПАДИТЕ ВРЗ НОВИНАРИТЕ СЕ ОРКЕСТРИРАНИ ОД ВЛАСТА

Речиси десет години ВМРО-ДПМНЕ е на власт, а како што изминуваат годините, така сѐ повеќе се зголемува притисокот врз новинарската фела, се поткупуваат медиумите, се поднесуваат тужби против медиумските работници кои критички ја опсервираат работата на власта, а што е уште пострашно, секојдневно расте бројот на физички напади врз новинарите што критикуваат.

Дека повеќето од нападите врз новинарите се организирани од власта се сомнева и првиот човек на Здружението на новинарите, Насер Селмани. Тој смета дека овие напади се почести во периодот на политички турбуленции, кога Заев ги објавуваше „бомбите“, а сега нападите се повторувале поради граѓанските протести против аболицијата на претседателот.

Се сомневаме дека нападите против новинарите се оркестрирани од власта, без разлика кој се појавува како извршител, непознати лица, граѓани и полицајци на протестите. Самиот факт дека институциите, полицијата, обвинителството и судовите не ги казнуваат насилниците, придонесува насилството да се повтори. Не може да биде случајност, институциите за три години да не можат да расветлат ниту еден случај. Очигледна е намерата на власта да ги казнува новинарите со примитивни методи со цел да ги дисциплинира – вели Селмани.

Според него, политиката на неказнување насилство против новинарите во меѓународни рамки се смета за најбрутално прекршување на слободата на медиумите.

Власта ги напаѓа новинарите со цел да ги заплашува и вознемирува оти сака да ги одврати да не ја критикуваат и да не пишуваат за нејзините злоупотреби. Примерите на насилството врз новинари беа клучен индикатор, што Фридом хаус во 2016 година ја прогласи Македонија за неслободна земја по прашањето за слободата на медиумите – додава Селмани.

Новинарите не куртулија од напади и за време на протестите против аболицијата на шефот на државата Ѓорге Иванов кога демонстрантите ја демолираа народната канцеларија на претседателот во центарот на градот. Тогаш, новинарот Горан Наумовски од Плусинфо без никаква причина беше нападнат од припадник на Единицата за брзо распоредување и МВР почна истражна постапка за повредениот новинар.

Без разрешница остана и црниот понеделник на 24 декември 2012 година, кога за време на тепачките во Собранието, при донесувањето на буџетот од собраниската сала, со груба полициска сила беа изнесени опозициските пратеници и новинарите. Сето тоа помина во јавноста како ништо страшно да не се случило. Во тој период, ЗНМ поднесе претставка до Секторот за внатрешна контрола во МВР, која подоцна беше отфрлена како неоснована.

ВО ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ НАПАЃАЧ-МИНИСТЕР ПОЛИТИЧКИ НЕ МОЖЕ ДА ПРЕЖИВЕЕ

За разлика од Македонија, каде што стана тренд политичарите и функционерите да се закануваат и да напаѓаат новинари, но никој да не сноси никаква одговорност, во европските земји владеат поинакви правила. Таму, новинарите се и сила и моќ.

Според досегашните искуства, во дел од европските земји, ако новинар е физички нападнат, тогаш сторителите се откриваат експресно, а веднаш се дознава и причината за нападот и директивата од каде што доаѓа нарачката. А да не зборуваме за напад или за навреда од министер! Тогаш во прашање се часови кога тој ќе ја напушти функционерската фотелја.

Маја Петрушевска е новинар, која многу години работи во Би-Би-Си во Велика Британија. Таа тврди дека во сите 17 години, колку што живее и работи таму, досега немало ниту еден случај министер физички да нападне новинар.

Политичарите разбираат дека „незгодните“ прашања се професионална задача на секој новинар. Во нив нема ништо лично. Новинарот е должен да ги поставува прашањата на кои јавноста бара одговори. И, се разбира, дека власта ќе биде секогаш под лупа. Хипотетички – доколку се случи – доколку напаѓачот е политичка фигура, особено во власта – оставката на сите јавни функции е прашање на часови – вели Петрушевска.

Таа додава дека јавноста, исто така, би очекувала премиерот час поскоро да го осуди таквиот чин и да се огради од настанот.

Во меѓувреме, полицијата би правела увид на настанот, и во зависност од фактите би зависела понатамошната постапка. Но, политички да преживее напаѓачот, тоа е невозможно – тврди Петрушевска.

Со сличен став е и Жанета Трајковска од Високата школа за медиуми и односи со јавноста, која тврди дека Македонија во никој случај не може да се споредува со која било демократска земја од Запад.

Таму досега немаше да ги има на јавната сцена ниту еден од политичките и јавни личности што удираа новинари – од Собрание до улица. Кај нас, тие сѐ уште си ги држат фотелјите и нѐ убедуваат дека биле во право што удриле новинар или, пак, граѓанин кој плаќа данок за тие да може да земат плата во негово име. Ете, до таму сме дојдени во нашата лудост – тврди Трајковска.

Според неа, состојбата со новинарството во Македонија секој ден станува сѐ поочајна.

Во услови кога фундаменталните човекови права се во слободен пад, секогаш први на удар се новинарите и медиумските слободи, оти со нивно ограничување се манипулира јавноста и се промовира пропагандата која власта сака да ја пренесе до граѓаните. Новинарите, за жал, станаа топовско месо, предмет на поткусурување и манипулативна алатка, која е во рацете на политичарите. Тие не се самостојни, уште помалку независни, а најмалку работат во име на граѓаните и јавниот интерес. Без намера да генерализирам, сепак, голем дел од новинарите во земјава се измеќари на одредени центри на моќ – додава Трајковска.

Таа смета дека во такви услови е за очекување – тој што смета дека те поседува, да мисли и дека може да те понижи, да те навреди, да те удри. Тоа е жалната македонска слика.

Наместо седма сила, чиј збор ќе се почитува, многу новинари се претворија во поданици на власта и нејзини портпароли. Тие, пак, што не се послушници и ја критикуваат нејзината работа, ризикуваат ќотек.

Рамка:

НАПАДИ И ВРЗ ПРОВЛАДИНИТЕ МЕГАФОНИ

Во листата на ЗНМ каде што се води евиденција кои новинари се нападнати, може да се прочитаат и имињата и презимињата на главните новинарски пера од провладините медиуми. Тука е и Ивона Талевска, уредничка на „Вечер“, која тврдеше дека е нападната од непознати сторители на плоштадот Македонија. Потоа, вербалниот напад врз Дејан Николовски од „Нетпрес“ од страна на претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов и други.

Рамка:

„ПЛАТЕНИЧКА РЕВОЛУЦИЈА“ – НОВА ХАЈКА ПРОТИВ НОВИНАРИТЕ

 Во провладините медиуми, како „Нетпрес“, „Република“ и „Курир“, последната недела се води нова хајка против новинарите кои критички ја опсервираат работата на власта. Работата отиде до таму, што дури се вадат лични податоци за тоа дека тие добивале пари во текот на последните две години од невладини организации финансирани од СОРОС или од УСАИД, и со тие пари наводно биле платени за да протестираат, при што се користи и кодното име „Платеничка револуција“.

Се работи претежно за мали суми од 3.000 до 7.000 денари, кои новинарите ги заработувале како хонорар со тоа што учествувале во дебати, или, пак, биле модератори на дебати и конференции, односно работеле на проекти на невладините организации, иако во написите се тврди дека парите наводно ги добивале за да учествуваат во протестите на Шарената револуција!? Се разбира, ова е класична пропаганда за отстрел на новинарите, а истовремено и нарушување на нивната приватност – оддавање податоци од банкарски трансакции за хонорари кои не се вредни ниту за споменување.

Бидејќи со вакви податоци главно располагаат државните институции,  допрва треба да се открие која е државната институција од која протекуваат податоците, иако прва на мета секако е Управата за јавни приходи. Од таму, пак, излегоа со „интересно“ размислување дека не биле единствената институција што имала вакви податоци. Ако не е УЈП, и ако банките имаат обврска да чуваат банкарска тајна, која вообичаено не ја прекршуваат, тогаш кој друг би можело да е? Дали УЈП сака да каже дека самите новинари или НВО-ата им ги дале податоците на „куририте“.

Новинарите се револтирани и планираат до одат до крај, сѐ додека не се открие кој им ги дава на медиумите нивните лични податоци, а многумина најавија и тужби. Ќе биде интересно да се види какви документи ќе извадат „куририте“ на суд и која институција ќе им ги издаде за да ја докажат врската на новинарите наводни платеници за Шарената револуција.

Поврзани новости