Зошто ни е Цеца кога ги имаме нив? Влатко Стефановски Трио ,,растури” на ,,Пивофест”!

by fokus

Во рамки на 17-то издание на општинската манифестација ,,Пивофест” во Прилеп синиќа посетителите имаа можност да ги проследат настапите на The Hounds, Фрајле, Влатко Стефаноски Трио и Нокаут. Вистинска еуфорија помеѓу многубројните гости се случи кога започна настапот на маестро на гитара Влатко Стефановски, кој во изминатиот период настапува заедно со неговиот син Јан и со Иван Кукиќ како Влатко Стефановски Трио. Се редеа хитовите како ,,Као какао”, ,,Мамурни људи”, па се до антологиските ,,Јовано, Јованке”, ,,Учи ме мајко, карај ме” и многу други.

Токму за време на изведбата на ,,Учи ме мајко, карај ме” песна со која Стефановски настапи и на манифестацијата ,,Златна бубамара на популарноста” и го претстави својот син пред пошироката јавност, посетителите на ,,Пивофест” реагираа најбурно. Се пееше во еден глас, се снимаше со мобилните телефони, а маестралната изведба од која ,,полазуваа,, морници, беше повод да се слушнат коментари – Зошто ни е Цеца, кога го имаме Стефановски?

Триото направи атмосфера за паметење, Влатко ги претстави младите Јан и Иван пред публиката и порача дека ужива во настанот, а секако и во доброто пиво кое е заштитен знак на неговиот роден град, Прилеп.

-Посебно ми е драго што синоќа поголемиот дел од изведувачите беа од македонската музичка сцена. Особено сум радосен што на сцената настапија татко и син, затоа што настапот ветува дека синот на Влатко Стефаноски, Јан ќе биде успешен како и неговиот татко – изјави прилепскиот градоначалник Илија Јовановски.

Покрај Јан, дел од триото е и Иван Кукиќ, кој е син на музичарите Ленче и Горан Кукиќ. Завчера на ,,Пивофест” главна музичка гостинка беше Балканската турбо фолк ѕвезда Цеца Ражнатовиќ, додека пак вечерва, на последната фестивалска вечер настапуваат The For, потоа следат настапите на Кал бенд, Даниела Мартиновиќ и Cyrillic.

Вики Клинчарова

Поврзани новости