И по 20 дена од големата полициска акција за разбивање на криминалната група од Грчец, која како што објави Министерството за внатрешни работи била инволвирана во недозволена трговија со дрога и убиства, на веб страницата на Министерството за внатрешни работи се уште нема објавено потерници по водачот на групата, Шеваљ Муареми и по другите осум лица од групата кои се во бегство.
„Фокус“ пред неколку дена испрати прашања до Министерството за внатрешни работи зошто се уште нема распишано потерници по членовите од групата кои се во бегство, но одговор не добивме.
Од одговорот пак којшто го добивме од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција наредби за распишување на на национални и меѓунардни потерници се издадени.
-Откако Основниот кривичен суд Скопје ги достави известувањата за недостапност на осомничените лица, предметните обвинители веднаш до МВР издадоа Наредби за распишување на национални и меѓународни потерници, велат од Обвинителството за „Фокус“.
Оливер Спасовски, сега веќе поранешен министер за внатрешни работи на прес-конференцијата на која ги објави деталите за полициската акција, пред да замине од функцијата, кажа дека МВР во координација со ОЈО за ГОКК по издавањето на потерници за лицата кои се наоѓаат надвор Македонија ќе преземе координирани мерки со поддршка на ЕВРОПОЛ со цел нивно лишување од слобода.
МВР поднесе кривична пријава против 16 лица, но по претресите уапсени беа шест лица и уште едно лице во Шпанија. Другите деветмина од групата, меѓу кои и водачот Муареми, според МВР, подолг период престојувале во странство. На петмина им беше одреден притвор, а уапсениот во Шпанија е таму во екстрадиционен притвор.
-По добиените сознанија дека е во екстрадиционен притвор врз основа на барање на Основниот кривичен суд Скопје заради издржување на затворска казна во друг предмет, преку меѓународна правна помош во кривичната материја, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција побара екстрадиција на лицето и за делата за кои е осомничено и во овој предмет. Замолницата преку Министерството за правда е доставена до шпанските надлежни органи од каде се очекува одлуката на шпанските власти, велат за „Фокус“ од Обвинителството.
Какви постапки се преземни за другите деветмина, од МВР нема одговор, иако неофицијално Муареми е во Дубаи.
Според МВР, оваа криминална група плановите и договорите, за извршување на кривичните дела ги правела преку непосредни контакти или со користење на енкриптирани телефони во кои била инсталирана апликацијата „SKY“, а која ја користеле членовите на организираната криминална група.
Во меѓувреме, по поставувањето на новиот технички министер, во дел од медиумите беше објавено дека новопоставени началници од страна на техничкиот министер на МВР, Панче Тошковски, вон процедура и на своја рака, се обидувале да ги отворат телефоните на осомничени лица од акцијата во селото Грчец со цел да читаат пораки на апликацијата Скај, но не успеале.
Сепак ваков случај во Обвинителството не е пријавен. –Во однос на наведената објавена информација, екстракцијата на податоците од одземените телефони и нивното вештачење во овој, како и во сите други случаи се одвива според утврдени процедури согласно наредбата на предметниот јавен обвинител до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, велат од Обвинителството за „Фокус“.
Како што објави МВР, оваа група организирала две набавки и транспорти на кокаин од латиноамериканските држави до земјите од Европска унија и Македонија, а има докази за вклученост во убиства и обиди за убиства.
Ф.Ф.С.