Зошто не му беше одземено оружјето на пензионерот-убиец од Демир Капија, прашуваат блиски на убиеното момче

by Fokus

Нетрпението помеѓу Бојан и неговиот сосед М.К.(72) траеше долг период.

Неофицијално, имаме информација дека Бојан бил убиен со пиштолот кој М.К. го поседувал со дозвола. На целото тоа нетрпение, плус неговата возраст, навлезен во осмата деценија од животот, прашуваме зошто не му било одземено оружјето? – за „Фокус” велат блиски пријатели на убиениот Бојан М. од Демир Капија.

Појаснуваат дека помеѓу двајцата соседи многупати имало нетрпеливи ситуации.

Вознемирени и шокирани од настанот, велат дека им е премногу тешко воопшто да зборуваат за трагедијата.

Настанот во Демир Капија ја потресе земјата рано утрово. Според МВР, денес во 6.50 часот, во полициската канцеларија Демир Капија било пријавено дека во сопствените домови со прострелни рани биле пронајдени Б.М.(34) и М.К.(72), двајцата од Демир Капија. Смрт кај двајцата констатирал лекар од Итната медицинска помош, а во координација со јавен обвинител на местото се врши увид.

Околу тоа дали М.К. го поседувал огненото оружје со кое го извршил убиството и самоубиството, со дозвола, но и дали како што се шпекулира во Демир Капија, лицата го пријавувале меѓусебното нетрпение во полиција, „Фокус” побара одговор од МВР.

До објавата на веста не ни беше одговорено.

Инаку, според законот за оружје, физичко лице има оправдана причина за набавување на оружје ако докаже дека постојат оправдани причини за поседување на оружје, а особено ако неговата лична безбедност, безбедноста на неговото семејство или имот се сериозно загрозени, поради што е потребно поседување на оружје заради нивна заштита и сигурност или ако работите и задачите што ги врши на работното место се од таква природа што можат да предизвикаат опасност од загрозување на неговиот живот или имот.

Исто така, може да поседува оружје ако е член на ловечко или стрелачко друштво, собира колекционерско оружје, или ако му е доделена награда во вид на оружје за постигнати резултати во спортско стрелаштво или официјални натпревари во лов, ако оружјето е доделена од страна на државни органи или пак е донесена судска одлука за наследување на оружјето.

Дозволата за оружје се издава со рок на важење од десет години, а на лица постари од 65 години живот со рок на важење до пет години. Условите за продолжување на дозволата ги утврдува надлежниот орган по службена должност, а ако лицето е постаро од 65 години е потребно да достави и лекарско уверение не постаро од една година.

Се смета дека постои опасност за јавниот ред ако физичкото лице е осудено за кривично дело, за прекршок против јавниот ред и мир со елементи на насилство, но и ако постојат други околности кои укажуваат дека оружјето може да биде злоупотребено, а особено кога лицето е регистрирано во евиденцијата на надлежните органи за често и прекумерно консумирање алкохол или употреба на наркотични дроги и психотропни супстанции, потешко нарушување на односите во семејството, местото на живеење, образовната установа или на работното место, семејно насилство и слично.

Вики Клинчарова

Поврзани новости