По пишувањата на неделникот „Фокус“ за криминалните групи на скопското подземје, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го прозва министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски да одговори зошто на списокот на МВР од „Безбеден град“ нема ниту еден член на групите „Беланоца“, „Кондово“ и „Барон“.
-Зошто на списокот нема членови на определени криминални групи како Беланоца, Кондово или Барон?
-Зошто на списокот за претрес и проверки нема ниту еден од повратниците од Сирија и Ирак, дали тие не се безбедносно интересни лица?
-По која методологија на списокот од Безбеден град има лица од една, а нема од друга криминална група?
-Дали списокот е составен од Музафер Каришиќ, човек од доверба на Оливер Спасовски?, изјави портпаролот на партијата, Наум Стоилковски.
Како што објави неделникот „Фокус“ на списокот за редовна контрола и претрес на безбедносни интересни лица кои се спроведуваат од единицата „Тигар“ во содејство со СВР Скопје од вкупно 49, дури 47 лица се припадници на картелите „Дуќанџик“, „Грчец“, „Бундес“.
Но, тука ги нема членовите на групата „Беланоца“, „Кондово“, како и на една неформална група што се издвојува.
Станува збор за групата „Барон“, која, според сознанијата на „Фокус“, е релативно нова. Таа се „брендирала“ според кафуле кое се наоѓа во Чаир. Во неа членуваат повратници од боиштата во Сирија, истренирани борци кои се борат да земат дел од криминалниот пазар.
По двојното убиство што се случи на почетокот на месецов кога беа убиени двајца членови на „Дуќанџик“ во напад под Кале, Спасовски соопшти дека МВР спроведува опсежна оперативна активност, наречена „Безбеден град“ и таа активност е насочена токму кон такви криминални структури.
-Сето она што го преземаме, го преземаме за да се спречат рекетирања, закани, уцени и продажба на наркотични средства и оружје низ целиот град. Заради граѓаните, заради сите што заслужуваат мир и спокој полицијата продолжува со оперативната активност, рече Спасовски.
Како „Дуќанџиќ“, „Беланоца“ и другите нарко-картели влегоа во крвава војна до истребување?!
Ф.Ф.С.