Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ го вратил министерот за надворешни работи Ѓорѓе Радуловиќ од Скопје, каде Радуловиќ утре и задутре требаше да се сретне со македонскиот претседател Стево Пендаровскио, со премиерот Димитар Ковачевски, со министерот Бујар Османи, со спикерот Талат Џафери.
Како што објави црногорскиот весник Вијести, Кривокапиќ на владина седница изјавил дека не бил запознат со посетата на Македонија и побарал Радуловиќ директно да го информира за плановите на посетата.
Потоа, Владата на Црна Гора не ја усвои платформата за посетата, па министерот морал да се врати од Скопје каде што веќе пристигнал.
Претходно, беше најавено дека Радуловиќ ќе ја оствари првата посета на Македонија на покана на македонскиот колега Османи.
Како што соопштија од црногорското МНР, посетата треба да биде во правец на потврда на добрите билатерални односи меѓу двете земји, кои се карактеризираат со отворен дијалог, пријателство и меѓусебна поддршка.
Воедно, од таму посочија дека Радуловиќ ќе ја искористи посетата за средба со претставници со црногорското малцинство.
Извори од македонската влада ни потврдија дека црногорската делегација на чело со Радуловиќ е вратена назад во Црна Гора, но одбиваат да коментираат кои се причините за ваквиот потег.
Неофицијално, црногорскиот премиер Кривокапиќ сака да го смени Радуловиќ од позицијата шеф на дипломатијата, кој пред да биде именуван на оваа функција беше дипломат од кариера.
Инаку, Црна Гора се наоѓа во владина криза, откако Кривокапиќ побара разрешување на вицепремиерот Дритан Абазовиќ, а Абазовиќ поднесе барање за интерпелација на владата.