Зошто Ковачевски е добар избор за лидер?

Колумна на Андреј Петров за изборниот конгрес на СДСМ

by Fokus

Мој добронамерен совет е да застане на пат на клиентелизмот во структурите на партијата, но и да привлече успешни луѓе наместо послушници спремни за секоја функција. Не треба да се откаже од искусните луѓе во сопствените редови, кои не климаат со главата секогаш и не ја одобруваат секоја одлука, но на тој начин му ја чуваат главата. Да смогне сила да признае дел од грешките.

Пишува Андреј ПЕТРОВ

Од оваа дистанца, директниот избор на претседател на партијата мислам дека е многу добар чекор. Изборот на претседател на СДСМ од членството со големо мнозинство, кој беше спроведен по втор пат, за мене претставува добар основ за легитимитет на Димитар Ковачевски како ново-избран претседател.

Се работи за интелигентен, енергичен човек, без политички багаж позади себе, на кој треба да му се даде можност да покаже што знае. Се нафаќа на функција претседател на СДСМ и мандатар во тешка ситуација, по сериозен пораз на локалните избори на владејачката партија, што за мене е аргумент повеќе да му се посака среќа за успешно справување со предизвиците кои му претстојат.

Мој добронамерен совет е да застане на пат на клиентелизмот во структурите на партијата, но и да привлече успешни луѓе наместо послушници спремни за секоја функција. Не треба да се откаже од искусните луѓе во сопствените редови, кои не климаат со главата секогаш и не ја одобруваат секоја одлука, но на тој начин му ја чуваат главата. Да смогне сила да признае дел од грешките.

ДА СЕ СПРЕМИ ЗА НАЈТЕШКАТА ТРКА

На владино ниво, приоритет број 1 е бескомпромисна и неселективна борба против корупција, почнувајќи од првите владини ешалони. Потребно е и посветено решавање на здравствената и енергетската криза, како и преиспитување на погрешните потези во образованието.

На планот на ЕУ интеграцијата мора да има ангажиран однос кон започнување на преговорите во текот на следната година, но не по секоја цена, не по цена на газење на идентитетот на македонскиот народ. Редефинирањето на дел од позициите по ова прашање се од витална важност спрема мене за хармонизирање на односите и во партијата и во општеството.

Да покаже многу ширина за прифаќање на туѓи идеи, како и издржливост и спремност да ги прифаќа критиките и да биде искрен во односот со јавноста и новинарите. Да се потруди да ја подаде раката кон правење на национално единство за виталните прашања на македонскиот народ, за да не ја доживее овој народ судбината на Хазарите.

Димитар Ковачевски пасиониран љубител на трчањето, треба да се спреми за најтешката трка на лизгав политички терен.

Авторот е поранешен Генерален секретар на СДСМ.

Поврзани новости