Зошто и како странци купуваат недвижности во офшор земји како Дубаи?

Во овие финансиски или даночни раеви инвеститорите се ослободени од даноци и немаат никаква законска обврска да го докажуваат потеклото на своите пари пред тамошните државни органи, вели за Фокус универзитетскиот професор Миодраг Лабовиќ, објаснувајќи како се вршат овие трансакции...

by Фокус

Инвестирањето или купувањето недвижности во офшор земји не мора секогаш да биде криминално поведение, особено ако парите кои се префрлааат во тие земји се стекнати од легални и оданочени приходи, меѓутоа најчесто постои сомнеж зошто се префрлаат пари во тие земји кои поинаку се нарекуваат финансиски односно даночни раеви, кадешто инвеститорите се ослободени од даноци и немаат никаква законска обврска да го докажуваат потеклото на своите пари пред тамошните државни органи.

ФИРМИ „ШКОЛКИ“

Ова за Фокус го вели универзитетскиот професор Миодраг Лабовиќ откако беше обелоденето дека 45 македонски граѓани поседуваат 55 недвижности вредни вкупно во 14 милиони евра во емиратот Дубаи, кој важи за офшор дестинација. Според Лабовиќ,  инвеститорите најчесто преку повеќекратни фиктивни финасиски трансакции префрлаат пари во фирми „школки“ или на банкарски сметки, зад кои стои сосема друго лице, наместо вистинскиот соспственик на парите.

Голем дел од овие фантомски фирми служат да се прикрие вистинското потекло на тие пари, кои се стекнати на незаконит начин преку вршење кривични дела. Со префрлањето на пари во офшор земји, дури ни проактивните и длабински финансиски истраги, кои можат да ги спроведат надлежните државни органи на земјата од каде потекнува противправната имотна корист, многу често не вродуваат со плод, затоа што тие наидуваат на „ѕид“ кога ќе стигнат до сметките во офшор земјите, кои не го откриваат велот на банкарската тајна – вели тој.

„ЦРНИ“ ДУПКИ

Воедно, Лабовиќ додава дека овие офшор земји не се потписнички на меѓународните документи за борба против корупцијата, организираниот криминал и перењето пари. Друго е прашањето, додава тој, зошто овие мали островски земји, кои немаат никакво влијание во меѓународните политички и економски односи, се оставени од меѓународна заедница да бидат, како што вели, „црни“ дупки во меѓународниот финансиски систем.

Таму се слеваат огромни суми на пари, најчесто стекнати од корупција и разни облици на организиран криминал, од највисоки политичари во корумпираните земји ширум светот, како и од бизнисмени и други криминалци кои се или биле во тесна спрега со нив – истакнува Лабовиќ, додавајќи дека во последните 15 години повратени се само 0, 8 до 1,6 отсто од целокупниот криминално стекнат имот префрлен во странски земји.

ГЕОСТРАТЕШКИ ИНТЕРЕСИ

Во тој контекст, тој објаснува дека надлежни органи се Агенцијата за финансиско разузнавање, како и сите правни лица кои според законот имаат обврска да пријавуваат сомнителни трансакции, според листа на индикатори, за кои би требало да бидат обучени. Според него, Управата за јавни приходи и Финансиската полиција, како и единицата за финансиски криминал во МВР, имаат надлежности за проактивна и длабинска финансиска истрага.

Но, нивниот домет е ограничен заради погоренаведените лимитирачки околности. Сето ова не треба да значи дека надлежните органи треба однапред да се откажуваат, затоа што понекогаш овие истраги вродуваат со плод, особено кога се воспоставува потесна соработка со тајните разузнавачки служби од најмоќните земји на светот. А, за волја на вистината, тоа обично се случува кога гонењето на некои политичари и бизнисмени е во корелаија со геостратешките интереси на тие земји – вели Лабовиќ.

РАЗВИЕН СИСТЕМ

Затоа, според него, премногу битно е да се има предвид дека водењето на проактивните и длабински финансиски истраги треба да се прави додека политичарите (и бизнисмените во тесна спрега со нив) се уште се во актуелна власт. Но, за да се гонат актуелни највисоки политичари, Лабовиќ смета дека потребна е комплетна реструктурализација на целокупната наша нормативно-институционална структура.

Во смисла на воспоставување на еден развиен систем на поделба на власт во нашата земја, која подразбира оптимално независни клучни државни институции и систем на меѓусебна контрола. Во спротивно, откога тие ќе заминат во опозиција, веќе очекувано ги имаат префрлено парите во офшор земјите и шансите за поврат на криминално стекнатиот имот се речиси никакви – вели Лабовиќ.

ПЕРЕЊЕ ПАРИ

Инаку, Центарот за одбранбени студии со центар во Вашингтон обезбедил податоци според кои 273.871 странци поседуваат 883.268 недвижности во Дубаи, кој важи за најголем финансиски центар на Блискиот Исток. Според овие податоци, кои се споделени и со норвешкиот финансиски центар Е24, на листата се повеќе од 100 се припадници на руската политичка елита и бизнисмени блиски до Кремљ, како и европски функционери и пратеници обвинети за малверзации и лошо управување со јавните фондови.

Притоа, има и 45 македонски државјани, чиј идентитет не е објавен, ниту, пак, за каков имот се работи – вили, станови, деловни објекти, хотели или хотелски соби и апартмани. Но, како што пишува последниот број на неделникот Фокус, неофицијалните сознанија говорат дека меѓу нив се еден поранешен функционер, добро познати бизнисмени, адвокати… Истражувачите констатираат дека многу граѓани во светот купуваат имоти во Дубаи за да избегнат данок или да перат пари заработени на незаконски начин.

Влатко Стојановски

Поврзани новости