Претседателот Глигоров, девет години самостојно, за жал погрешно ја водеше меѓународната политика на Македонија! А тоа беше причината што одбив да го наследам министерот за надворешни работи, Малески, по неговата оставка во1992 година! Ми беше понудено три месеци да бидам заменик-министер (додека Малески се подготвува за Њујорк!) за да ги средам трите основни функции на дипломатијата: аналитика, преговарање и разузнавање. Тоа мазно го одбив…
Пишува: Љубомир ГАЈДОВ
Повод: „Њујорк тајмс“ за Лисабонската декларација, Фокус, 5.12.2024
Претседателот Киро Глигоров, девет години самостојно, за жал погрешно ја водеше меѓународната политика на Македонија! А тоа беше причината што одбив да го наследам министерот за надворешни работи, Денко Малески (ДМ), по неговата оставка во 1992 година! Ми беше понудено три месеци да бидам заменик-министер (додека ДМ се подготвува за Њујорк!) за да ги средам трите основни функции на дипломатијата: аналитика, преговарање и разузнавање.
Тоа мазно го одбив од две причини. Прво, според Уставот на Македонија, Глигоров е фактички шеф на дипломатијата. А тој не ги разбираше меѓународните односи и процеси. Со својот дилетантизам и со пасивноста на ДМ, Глигоров ја доведе земјата во изолација, чии последици и денес се очигледни!
И второ, поради суетата да не дојде во прашање неговата лидерска позиција, Глигоров не ја прифати патриотската иницијатива за помош за меѓународно признавање и промоција на Македонија од џиновите на дипломатијата: Лазар Мојсов, побратим на тогашниот американски претседател Џорџ Буш Постариот, Димче Беловски, пријател на легендарниот Хенри Кисинџер, Илија Топаловски, пријател на Индира Ганди и Царот Хирохито и Коле Чашуле, шампион на неврзана Јужна Америка!
Па, сега, ДМ во обидот да го одбрани Киро Глигоров, се обидува и себе да се одбрани како послушник на Глигоров, како и Ристо Никовски, со кого имав полемика во „Фокус“ на истава тема!
Еве ги причините за мојава колумна. Првата трагична последица дојде на Самитот на ЕЗ, Лисабон (26.6.1992). Двата од трите создавачи на Грција, Британија и Франција (и Русија) ѝ дозволија на својата „штитеничка“ да ни го одзеде името Македонија! Тоа го пишува ДМ. Го цитира британскиот државен секретар Даглас Хог што предложил:
„Доколку тоа биде од помош за смирување на политичката атмосфера во Републиката, за прием на Република Македонија во Обединетите нации, Велика Британија и САД да истапат со јавни изјави доколку таа тоа го побара под името Република Македонија (Скопје) (Бебето од катран, Македонија во меѓународните односи (1991-1993), Култура, Скопје, 2012, стр. 436)!
Ова го потврдува и Стојан Андов, кому во Давос (1.2.1992) истото му го кажал тогашниот грчки премиер Константин Мицотакис. Плус, на истата маса Хенри Кисинџер му порачал на Глигоров, со Мицотакис да дојдат во Америка за да се реши т.н. македонското прашање (Успеси и заговори, 1993 година, Матица македонска, Скопје, 2018, стр. 19-21)! Значи, ДМ се прави дека не знае(л) дека Глигоров пет месеци не му се јавувал на Кисинџер, па дојде громот од Лисабон!
ГЛИГОРОВ ТАКТИЗИРАШЕ ОКОЛУ СУВЕРЕНОСТА НА МАКЕДОНИЈА
Наша национална трагедија е што Глигоров, како и ДМ, изгледа немаше расчистено со „југословенското наследство“! Еве уште три докази дека тој погубно тактизираше околу самостојноста и сувереноста на Македонија:
(1) „Платформата Изетбеговиќ-Глигоров“ (4.6.1991) беше „последен обид да се спаси Југославија“, како што изјавуваше и Глигоров!
(2) Прашањето за „референдумот за независност“ (8.9.1991), Глигоров лично го диктираше, препишувајќи го вториот дел од прашањето од „Платформата Изетбеговиќ-Глигоров“: „Дали сте за суверена и независна Македонија,…со право на влез во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“ Ова е, всушност, предлогот на Горбачов за спас на СССР, како и на своето работно место, како прв и последен советски претседател! Лицемерна е затоа изјавата на Глигоров по референдумот: „Граѓани и граѓанки на Македонија, дозволете вечерва… да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија.“
(3) Веднаш по соопштението на Бадентеровата комисија (Париз. 11.1.1992) дека само Словенија и Македонија ги исполнуваат петте критериуми за меѓународно признавање, Глигоров, за жал, не побарал и Македонија со Словенија (Хрватска и БиХ) да биде примена во ООН, како што тоа тогаш му го предлагаше професорот по меѓународно јавно право, Васил Тупурковски!
На 19.7.1992, на прес-конференција во Скопје го прашав британскиот министер Даглас Хард: дали по срамната лисабонска резолуција без преседан во меѓународните односи, сега Македонија треба да побара прием во ОН? Циничниот одговор беше: Британија и Франција, како членки на ЕЗ имаат обврска да (ви) стават вето во Советот за безбедност на ООН!
Меѓутоа, на 27 август 1992 година во Лондон, на Втората конференција за Југославија, во кабинетот на Глигоров случајно видов документ на Светска банка. На насловната страница пишуваше „Поранешна Југословенска Република Македонија“!
Глигоров со насмевка, без зборови, ми соопшти дека ова „враќање“ на името Македонија е подвиг на мојот голем пријател уште од деновите по земјотресот, Лоренс Еглбергер, тогаш (в.д.) американски државен секретар!
А утредента, на прес-конференцијата, на македонски ми одговори пред вџашените грчки новинари: „Наскоро, наскоро“, кога го прашав кога ќе дојде во Македонија каде што го слават како херој (Лоренс од Македонија)! Зашто ја делеше американската помош од 50 милиони долари за обнова на разурнатиот град!
МАКЕДОНИЈА, ЖРТВА НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ И ГРЧКИОТ ШОВИНИЗАМ
На 4.7.1992 година, на собраниската Комисија за меѓународни односи се разгледуваа двата можни одговора на срамната Лисабонска резолуција, едниот од потпретседателот на Владата, Блаже Ристовски, а вториот од министерот ДМ.
Тогаш, на претседателот на Комисијата, Бранко Црвенковски, дискретно му реков дека во двата нацрта ги нема двата битни факта. Прво, во писмото од претседателот Буш Постариот (17.3.1992) пишуваше „г-дин Киро Глигоров, Република Македонија“!
И, второ, во истата сала (15.3.1992), го прашав рускиот министер Андреј Козирјев што го познавав од Москва (како дописник на МРТ): зошто ја нарековте Македонија „сојузничка држава“? Седејќи до ДМ, тој ми одговори: па, ние сме сојузници во Втората светска војна, а сме имале воена мисија на второто заседание на АСНОМ!
Поводот за мојава реакција е всушност цитатот од „Њујорк тајмс“ на мојот пријател Дејвид Бајднер, долгогодишен дописник од Белград, каде што, за жал, ДМ не ја препознава скриената причина за наводното американско „навивање“ за Грција!
Во 1992 година, претседателот Буш Постариот се надеваше на реизбор. Па, на итар начин ѝ се додворуваше на бројната, богата и влијателна американска грчка дијаспора на чело со сенаторот Пол Сербанес и архиепископот Јаковос! Тоа го почувствува и мојот колега од Москва, Строуб Талбот, дописник на магазинот „Тајм“.
Зашто, само две недели пред претседателските избори, како главен уредник на „Тајм“, како голем пријател на Македонија, напиша уводник со наслов „Будалести Грци“ (18.10.1992)! Па, наместо да биде државен секретар, осум години беше само заменик!
Зашто, сенаторот Сербанес му рекол на Бил Клинтон дека нема ни грчки гласови (2,5 милиони), ни десетици милиони долари ако Талбот биде државен секретар, и покрај нивното десетгодишно студентско другарство од Вашингтон, Оксфорд и Јејл!