Поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, во колумна објавена во најновиот број на неделникот „Фокус“ продолжува да ги анализира македонско-бугарските односи, низ една историска перспектива.
„Во почетокот на мај 1941 година е заклучен договор под покровителство на Хитлер меѓу Италија и Бугарија, а во име на Германија го потпишал вториот човек во тоа време во Германија, Херман Геринг.
Со тој договор тогашна југословенска Македонија била поделена на италијанска и бугарска окупациона зона. Тој договор е основа за запоседнување на западниот дел на Македонија, до Групчин, од италијански сили, а поголемиот дел од Македонија, како окупациона зона ѝ припаднал на Бугарија.
Кога бугарските фашистички воени сили влегуваа во Македонија, треба да се знае дека Македонија не беше посебна република со своја власт, туку беше окупациона зона доделена на Бугарија, а не постоеја ниту вооружените сили на Југославија, бидејќи таа земја претходно потпиша капитулација.
Точно во тие услови, без какви било злосторства и воени дејства, окупационата петта бугарска армија и бугарскиот окупационен државен, административен и полициски апарат, ја запоседна Македонија.
Има бугарски историчари, кои тој акт го сметаат за ослободување на Македонија од српско ропство и присоединување на Македонија кон Бугарија. И едното и другото тврдење не се темелат на историска вистина.
Ниту Македонија тогаш беше ослободена, ниту присоединета кон Бугарија. Беше само нејзина окупациона зона. Овој троен договор меѓу Германија, Бугарија и Италија неколкупати е дотеруван и поместувана е линијата на разграничување меѓу бугарската и италијанската окупациона зона, особено околу Охридско Езеро“, пишува Андов.
Во тој контекст, тој додава:„ Хитлер знаеше да кокетира со чувствата на луѓето. На синот на Никола Карев (Кирил) му испратил честитка по повод 40 години од Илинденското востание, како празник на Македонците. Тоа покажа оти Хитлер има некакви калкулации и дека отстапките што ѝ ги направил на Бугарија биле привремени и не биле негово трајно решение“.
Целата колумна прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.