Уставниот суд со привремена мерка го стопираше новото Упатство за водење матични евиденции на министерот за правда, Кренар Лога со кое во изводите беше додадена графа „националност“.
„Фокус“ разговрашање со проф. д-р Катерина Тодороска од Институтот за национална историја за тоа што која е разликата помеѓу националност и етничка припадност. Таа објаснува дека најгруб, но најсликовит одговор на ова прашање би било:
-Прво, треба да разграничиме дека кога се зборува за иста етничка припадност, тогаш се мисли на лица кои имаат заедничко потекло т.е историја и традиција кои се пренесуваат од генерација на генерација. Заеднички обележја на етничката припадност претставуваат јазикот, моралните вредности, заедничките верувања, почитувањето и практикувањето заедничка обичаи и вредности итн.
– Второ, националноста пак најчесто се објаснува како однос меѓу индивидуите и државата од која потекнуваат/живеат.
Профеосорката вели дека во нашата пракса многу често се мешаат овие два термина, што е сосем погрешно и додава дека за овие прашања се говори во „Европската конвенција за националност“ донесена во Стразбур во 1997 година од страна на Советот на Европа во Серијата европски договори под бр.166.
Имено, во првото поглавје „Општи работи“ во членот 2 кој се однесува на „Дефиниции“ пишува:
„За целите на оваа Конвенција:
а) „националност“ значи правна врска помеѓу едно лице и држава и не укажува етничкото потекло на лицето;
б) „повеќе националности“ значи истовремено поседување на две или повеќе националности од страна на истата личност;“.
На прашањето дали со графата националност во изводите, македонска нација наместо збир од сите етнички заедници кои живеат во Македонија се сведува само на една етничка група, професорката вели дека оваа новоизмислена графа не смее да постои.
Откако расчистивме дека националност не е исто со етничка припадност, според она што го прочитав како соопштение од Министерството за правда „националност во матичната книга на родените се предвидува во членот 4, на венчаните во членот 11 и на умрените во член 13 од Законот за матична евиденција“. Бидејќи не сум правник, го читав текстот на Европската конвенција за националност, која содржи десет поглавја со 32 членови. Од прочитаното мојата конфузија од внесувањето на ваква графа уште повеќе се зголеми. Имено, според мене новоизмислената графа не смее да постои во матичната книга на родените и матичната книга на умрените, бидејќи ниту новородените, ниту покојните не можат да се искажат по однос на својата националност. Тоа значи дека би било лажно изјаснувањето на родителите на децата во врска со нивната националност, особено ако се има предвид можноста за постоење на повеќе националности кај нив било во случај на мешани бракови, било по место на раѓање во држава, различна од местото на живеење итн, објаснува професорката.
Таа заклучува дека и овој, како што вели, обид да се направи закон за лична потреба на неколкумина, по грешка наместени во фотелја, доведува до нивна бламажа како сред македонската јавност, така и на целата држава пред меѓународните институции.
Срамно е колку сме подложени на експерименти на неопитни личности и колку непотребно се трошат народните пари и енергија во државата за бесцелни „закони“. Лично се надевам дека во македонскава држава има достојни правници, кои ќе докажат дека нечиј авантуризам не смее и не треба да биде државна политика во правото, порачува таа.
К.С.Б.