Веќе петти месец, Љупчо Палевски Палчо, осомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски, е во екстрадиционен притвор во Турција.
Иако судскиот дел околу екстрадицијата е веќе одамна завршен, сепак се уште нема најава кога Палчо би бил донесен во Македонија. Министерот за правда Кренар Лога, за ,,Фокус” вели дека се уште немаат информација за денот кога Палевски би бил испратен и појаснува дека се чека потпис од турското МНР.
Според нивните правила, мора прво да се потпише нивното МНР, па потоа министерот за правда.
На прашањето дали е можно одолговлекувањето од турска страна да е поврзано со барањата на Турција за испорака на припадници на ФЕТО или ,,ѓуленистите”, Лога вели дека немаат такви индиции.
ФЕТО е термин кој го користи турската влада кога зборува за поддржувачите на Фетула Ѓулен, турски клерик кој живее во Соединетите Американски Држави. Претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата администрација ги обвинуваат поддржувачите на Ѓулен дека го организирале на неуспеашниот обид за државен удар во август 2016 година во Турција.
Неодамна и претседателот Стево Пендаровски истакна дека според информациите од разузнавачки карактер кои тој ги добива, најголем дел т.н. „ѓуленисти“ не се повеќе во земјава. Турција сепак претходно бараше испорака и на 15-тина граѓани кои се во државата, но нашата земја побара аргументи и докази дека станува збор за припадници на терористичка група.
Барањето за екстрадиција на Палевски доаѓа по неговото апсење на 5 декември во Турција, откако ден претходно беше распишана меѓународна потерница по него како осомничен за две кривични дела – „грабнување“ и две убиства на свиреп начин.
Доколку биде екстрадиран, Палевски во земјава ќе биде пречекан со судско решение за 30-дневен притвор и ќе биде пренесен во истражниот затвор во ,,Шутка”. Таму веќе се наоѓаат тројцата осомничени соизвршители во грабнувањата и свирепите убиства.
Валентина Вурмо