Според адвокатот на Васо Јованов, Сашо Дуковски, се отишло предалеку во случајот со Фросина Кулакова, кој неговиот клиент ја усмрти пијан на пешачки премин, на црвено светло, без возачка дозвола, со огромна брзина.
Самоуверено, човекот кој е ангажиран и платен да го брани својот клиент, како и неговите родители од кои јавноста бара одговорност, прашува дали од предметот на Васо ќе се прави показна вежба.
Истакнува дека секој има право да излезе на улица и да протестира, ама институциите во судска постапка требало да си ја завршат работата.
Како одговор на неговото тврдење, дека на протести не се бара правда, туку во судница, денес во родниот град на Фросина Кулакова излегоа над 5.000 граѓани, кои јасно и гласно на протестен марш порачаа дека е доста.
Да не беа јавните реакции по повод смртта на младата девојка, ретко кој ќе дознаеше дека Васо Јованов бил осуден за дилање на кокаин и марихуана, а правосилноста на пресудата си ја чекал на слобода, продолжувајќи со аздисанот, која на крај однесе невин човечки живот. Пресудата од три години и девет месеци затвор за дрогата, дојде дури откако се крена народот и порача дека правда мора да има.
Околу тоа, на кого дилал кокаин Јованов, освен што официјално беше соопштено дека се работи за млади лица, не беа изнесени детали дали евентуално помеѓу тие млади лица имало и малолетници, со што по автоматизам доколку ја продавал дрогата и на малолетни лица, би требало да му биде изречена значително повисока казна.
Зошто баш од Васо да започне ова самоиницијативно, спонтано народно движење, во форма на протести, на кои граѓаните бараат владеење на постоечките закони и нивна неселективна примена? Одговорот го дадоа присутните на маршот во Неготино, кои порачаа – Доста е, ете до тука било, а Фросина по некоја случајност е точката на прекршување, кога веќе на народот му се прелеа чашата.
-Возел пијан, возел без возачка дозвола, преминал на црвено, дивеел со огромна брзина низ град… Со години, со децении сведочиме на такви настани кои завршиле со насилно одземени животи на невини луѓе, а да биде агонијата поголема, најчесто на пешачки премини се случуваат вакви убиства!
Па следуваат реакции во јавност, во некои случаи и протести, и на крај, слушаме изречени судски пресуди како да се работи за кражба во маалска продавница. Условно, две години затвор, три години затвор…
Од некаде мораше да се почне, но да се почне и да не се запре додека не се промени целиот овој трул систем, во кој човечкиот живот најмалку се цени.
Ете, од Васо требало да почне, и нека заврши оваа анархија во која живееме, нека се стави ред во правосудство, во сообраќајниот хаос, сеедно дали со промена на судии, промена на закони, со ригорозни казни за сите сторители кои со умисла одзеле или загрозиле нечиј живот, само нека започнат промените, аман доста е веќе, за ,,Фокус” раскажуваат потресени сограѓани на Кулакова, кои беа дел од протестот.
Велат дека се уморни од трагање по правдата, но веќе нема враќање назад. Неказнивоста го направи своето, а изгубената доверба во институциите е причина поради која народот масовно излегува на улица.
На адвокатот на Јованов, кој шокирано прашува дали од случајот со неговиот клиент ќе се прави показна вежба, неготинци му одговараат дека не само показна вежба, туку ова е почеток на голема битка со целиот систем, а државата конечно мора да се разбуди и да го слушне гласот на народот кој бара владеење на правото и ставање на крај на аздисаноста на поединци.
Вики Клинчарова