Зошто Бугарите добија забрана да влезат во ослободено Скопје?

by Фокус

На генерал Апостолски му било сосема јасно дека ако ги пуштел Бугарите да се појават на парадата, ете така само формално, од тоа понатаму до денешни дни ќе следела помпезна бугарска „парада“ со која ќе се удираа в гради дека го ослободиле Скопје

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Моето Скопје, мојот роден град, градот на моето детство, младост, зрелост – град, кој најмногу го сакам и град на кој сум му најмногу кивна. Ете, по 78-ми пат зад нас остана уште еден 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје од фашистичкиот окупатор.

Татко ми и неговата 12 Ударна бригада навлегле во скопската котлина од Скопска Црна Гора и напредувале кон центарот на градот, сè до Учителската школа, чии остатоци се скриени од денешните бараки на Општина Центар.

Тој опширно ни раскажуваше како изгледал тој пекол низ Скопје, со жестоки улични борби во кои загинале 426 борци и над стотина цивили.

Голем студ имало на тој 13 ноември, но тоа не ги спречило премрзнатите истоштени македонски борци што го ослободиле Скопје со гордост да се постројат зад својот командант Михајло Апостолски на големата парада на скопскиот плоштад.

АКТИВЕН ОДМОР

А знаете ли, драги мои, кој друг се пријавил со барање да учествува на парадата по повод ослободувањето на Скопје? Па, кој друг ако не Бугарите!

Како што е познато, фашистичка Бугарија капитулирала на 8 септември 1944 година, само два месеца пред ослободувањето на Скопје, практично на самиот крај на Втората светска војна.

Бугарската фашистичка војска, која се „преоблекла“ во сојузничка униформа, ја свртела политиката и божем својата „150 илјадна војска“ ја ставила на располагање на сојузниците за конечно протерување на германската војска од Балканот.

Планот бил Бугарите што се нашле на окупираните територии да им го предадат оружјето на партизаните или да се приклучат во акциите на македонските борци за ослободување на двата клучни града Штип и Велес и оттука да продолжат за Скопје каде што било најсилното упориште на Германците.

Но, бугарската дивизија, иако било договорено со Главниот штаб да учествува во борбите за ослободување на Штип, си се распослала на позициите кај Златишка река и активно си одморала.

Тоа малку ја оддолжило акцијата на партизаните за ослободување на Штип, па така тој крак борци од Штип пристигнал во Скопје кога борбите веќе биле во полн ек.

Бугарската војска, откако се прошетала покрај веќе ослободениот Велес, тргнала накај Скопје. Стасала пред ослободеното Скопје ноќта меѓу 13 и 14 ноември и испратила барање нејзините војници да учествуваат на парадата во Скопје.

Е, тогаш генијалниот генерал Апостолски, кој добро знаел со кого си има работа, забранил бугарските војници да влезат во ослободеното Скопје.

Откако Апостолски не дозволил да учествуваат на парадата, тие смислиле нова итроштина и побарале да влезат во Скопје за да направат помен за „паднатите бугарски војници“.

Е, тоа многу ме налути, за кои бугарски војници да се прави помен?“, пишува генерал Апостолски. „Па, тие буквално ни еден куршум не испукаа за ослободување на Скопје“, додава тој.

ПУСТО НАШЕ СКОПЈЕ

На овој визионер му било сосема јасно дека ако ги пуштел да се појават на парадата, ете така само формално, од тоа понатаму до денешни дни ќе следела помпезна бугарска „парада“ со која ќе се удираа в гради дека го ослободиле Скопје.

Е, пусто наше Скопје! 78 години поминати во слобода. Години на подеми, развој, растеж, но и години на природни катастрофи, солидарност, повторно накревање и пак растеж до некоја светла точка од каде што потоа почнува постепениот пад, пропаѓањето, обезличувањето и формирањето на некој нов паланечко-панаѓурски карактер на Скопје.

Па, што претставува, драги мои „СК 2014“?

Еве и по толку години сè уште не можам да ја прифатам таа какофонија во изгледот на Скопје, на кое очајно му недостига отмената строгост што ја имаше пред да почне лудилото со палмите, плажите, врбите, бетонските галии, барокните фасади и „импозантните“ споменици, кои немаат никаква вредност, ниту уметничка ниту пак упатуваат некоја вредна општествената порака што би ја обликувала визијата за иднината на овој заробен град во мирнодопско време.

Без да се навредат скопјани, родени и придојдени-тие не сакаат за градоначалник да гледаат културен лик, градски човек со градски манири.

Тие очигледно сакаат простачки лик кој од говорницата на градското собрание ќе зборува како кочијаш со мангупски фори и ќе оди пешки на работа за да им се смили на малограѓанските вкусови на скопјани.

Всушност, партиите со нивната понуда го упропастија Скопје. Завист!!! Па, кој лидер не подбегнува од јак, способен, образован кадар за градоначалник на главниот град.

Јаааа! Па, тој да стане толку силен, популарен и значаен што може набргу, како Жак Ширак во Париз, да му го земе премиерското столче.

Поврзани новости