Зошто битолска Нискоградба постави највисоки услови на тендерите за зимско оддржување на патишта?

by Фокус

Најголем број од договорите што ги склучиле јавните претпријатија и локалната самоуправа за оддржување на патишта за време на актуелната зимска сезона ги склулиле во постапка со само еден понудувач, како резултат на строгите и специфичните критериуми и услови што ги пропишуваат договорините органи, без оглед дали тоа е во делот на работното искуство и финансиската состојба на економските оператори, или, пак, во однос на техничките ресурси со кои располага.

Како што пишува неделникот Фокус, во таа насока се издвојува комуналното претпријатие Нискоградба Битола, кое во тендерската документација, меѓу другото, барало компанијата да има минимум 10-годишно искуство за одржување на улици и патишта во зимски услови. Колку за споредба, тоа е за три пати повеќе од она што го барале други органи, како на пример ЈП Македонија пат, додека некои од нив воопшто не барале вакво искуство.

На овој тендер се јавила само една компанија, која склучила договор со битолското претпријатие во висина од околу 3.500.000 денари, што е 500.000 денари повеќе од проценетата вредност на договорот. Станува збор за компанијата Скипи Симјановски – Борче, основана во 1995 година во битолско Горно Оризари од страна на Борче Симјановски, која ги добива тендерите за зимско оддржување на патишта од КЈП Нискоградба во последните 3 години како единствен понудувач.

Дополнителна доза на сомнеж врз регуларноста на оваа постапка фрла фактот што битолското претпријатие барало од компаниите позитивен финансиски резултат во последните 3 години, но финансиските извештаи на компанијата, доставени до Централниот регистер, покажуваат дека во 2015 година работела со добивка, меѓутоа во 2014 година остварила загуба од над милион денари. Од двете страни не одговорија на нашите прашања зошто биле пропишани олку строги услови, како и дали тие се испочитувани во целост.

Инаку, индикативно е и тоа во постапките каде настапиле повеќе компании, тендерот се делел на исто толку делови, односно лота, така што како по правило една компанија се јавувала само на еден лот, иако имале право да конкурираат за сите лота. На тој начин, повторно се избегнува конкуренцијата, а со тоа и негативната аукција, која овозможува буџетски заштеди. За илустрација, на еден од ретките тендери на кој имало конкуренција од 3 понудувачи, спроведен од општина Велес, договорот по негативното наддавање бил 17.000 евра помалку од проценетата вредност на договорот.

Официјалните податоци од Бирото за јавни набавки говорат дека во 2015 година биле спроведени 41.535 електронски аукции, а 31.372 од постапките завршиле со поднесувања на конечна цена. Само во споменатата година, со помош на овие аукции, овозможени се заштеди од 20 отсто, или околу 70 милиони евра. Од друга страна, заштедите во ситуација без конкуренција се минимални, нешто над 3 отсто, бидејќи единствениот понудувач поднесува конечна цена која одговара на проценетата вредност на предметот.

И Центарот за граѓански комуникации, пак, кој редовно ги мониторира постапките за доделување на јавна набавка, во еден од извештаите за истата 2015 година пишува дека задоволително ниво на конкуренција е евидентирано само во половина од тендерите што ги мониторирале. Оттука, според нив, потребен е посистематски пристап во решавањето на проблемот со малата конкуренција, со фокус врз намалување на ризиците од корупција, како предуслов за враќање на загубената доверба на бизнис-секторот во фер избор на најдобра понуда во текот на тендерите.

В.С.

 

Поврзани новости