Бајруш Сејдији, или тутунскиот бос од Куманово, како што го нарекуваше македонската јавност пред повеќе од една деценија, откако излезе од затвор водеше нова правна битка со државата, во обид да си го врати одземениот имот, но на крајот сепак решил да се откаже, дознава ,,Фокус”.
Поточно, изминатите години кумановецот имаше поднесено неколку тужби пред Управниот суд, со барање државата да му го врати имотот одземен со конфискација по пресудата за ,,Пепел”, тврдејќи дека двојно му „наплатиле“, односно наместо една, му извршиле две конфискации. Едната во 2011 година, а другата дури шест години подоцна.
Управниот суд му ги одби тужбите на Бајруш, по што тој се жалеше пред Вишиот управен суд. Но, наместо да почека одговор, тој минатата година решил да се повлече.
,,Фокус” дојде до одлуките на Вишиот управен суд во кои пишува:
,,Со оглед на тоа што тужителот Сејдији Бајруш од К. преку полномошник Таневски Лефко, адвокат од С. со писмен поднесок од 04.05.2023 година ја повлече поднесената жалба против Пресудата на Управниот суд У-1.бр.340/2021 од 07.09.2022 година, односно се откажа од веќе изјавената жалба, Судот најде дека жалбата е недозволена и истата треба да се отфрли”.
СЕ ПОЧНА ПРЕД 16 ГОДИНИ
Сејдији, заедно со уште 30-тина соработници, во 2008 година беше уапсен како дел од организирана група, која нелегално произведувала цигари и ги продавала без бандероли.
По неуспешниот обид за бегство беше уапсен и во 2010 година беше осуден на 12 години затвор.
По осудителната пресуда за „Пепел“, обвинетите беа задолжени солидарно да ја надоместат утврдената штета од 6,5 милиони евра за неплатената акциза за цигари. Затоа на осудените тогаш им се забрани да ги продадат хартиите од вредност што ги имале во Тутунскиот комбинат Куманово. Лично Бајруш имал 282.965 акции.
Кон крајот на 2011 година беше извршена промената на сопственоста на акциите, односно преминуваат во рацете на државата.
Адвокатот на кумановецот, Лефко Таневски, за ,,Фокус” појаснуваше дека државата ја наплатила отштетата исклучиво од Сејдији.
-Државата има наплатено 77.195.760 денари (1,2 милиони евра) повеќе од предвидениот имот што треба да се конфискува, појаснуваше адвокатот.
Според него, клучната грешка на Агенцијата била што тогаш не направила вештачење на вредноста на акциите.
И наместо акциите да се претворат во пари, во корист на државата, адвокатот обвинува дека имотот поради недомаќинско работење се распродавал и оштетувал без контрола, поради што по една година комбинатот бил доведен до стечајна постапка.
Па така, акциите никогаш не биле ставени на берза! А, според Таневски, тие имале голема вредност, односно во периодот од 2007 до 2012 година вределе 1.701 денар, или нивната пресметката покажува дека акциите на Бајруш вределе 1,2 милион евра повеќе од бараната штета.
По неколку години молк, во 2018 година, Агенцијата за управување со одземен имот носи ново решение за повторно одземање имот од Бајруш и другите осудени.
Тогашниот нов директор Фатон Асани наводно гледа дека како имот конфискуван од „Пепел“ се само 100.000 евра, поради што се прави нова конфискација.
Бајруш наводно добил образложение дека акциите и имотот на Тутунскиот комбинат, кои претходно биле одземени, не се евидентирани во Агенцијата како раскнижен долг, па затоа Агенцијата направила дополнителна конфискација, со што му е одземен дополнителен имот на кумановецот.
Сепак, иако тврдеше дека е оштетен, Сејдији на крајот ги повлече поднесените тужби против државата. ,,Фокус” не доби конкретен одговор од неговиот адвокат зошто неговиот клиент се одлучил на ваков чекор.
Валентина Вурмо