Зошто Антикорупциска не ги стави под лупа судиите?

by Fokus

На следните мерења на јавното мислење, на јавната перцепција, покрај судството треба да се најде и ДКСК, со прашање – колку тие придонесуваат во основната функција содржана во насловот СПРЕЧУВАЊЕ на корупцијата наместо само констатирање…

Пишува: Наум СТОИЛКОВСКИ

Денеска е понеделник – денот кога судството доби уште еден човек од „тефтерче“, а власта се прави наудрена, па вели дека сите проблеми се решени за членство во ЕУ, останува „само“ корупцијата. И криминалот. И партизацијата.

Ова е сериозен четврти удар во само 10 дена што ќе го раскринка и онака девастираниот судски обвинителски, со еден збор – правен систем во Македонија.

ПЕРЦЕПЦИЈА ЗА КОРУПЦИЈА

Без да навлегувам подлабоко во интерес на просторот, но и со сериозно потпирање на колективната запознаеност со состојбите од изборот на Ислам Абази во обвинителството, до изборот на Весна Дамева, онаа фотографирана во СДС заедно со членовите на партиската правна комисија, заедно со Снежана Калеска- Ванчева и Зоран Заев, е само продолжение на оставката на Црвенковска, која нагласи „судски и бизнис“ притисоци, потоа скандалот со правосудниот на синот на Таљат Џафери, како и оставката на Зоран Герасимовски од директорувањето со Академијата за судии и обвинители поради конфликт на интереси констатиран од ДКСК.

Интересно е тоа што во повеќето случаи, директно или индиректно, е вмешана ДКСК. На пример, токму Герасимовски претходно посочил дека: „Се консултирав со Државната комисија за корупција и оттаму рекоа дека нема конфликт“, за потоа да има конфликт.

Ама ДКСК соопшти дека немало „официјално“ барање на мислење. Значи неофицијално можеби би можело да мине.

И во случајот со правосудниот на Џафери, ДКСК колективно одлучи дека не може да отвори предмет. И тука ете не игра улога што чичкото на Барлет Џафери, Нури Бајрами е заменик на ДКСК.

Па, дури и ДКСК порача дека не е спорно што тој и Талат Џафери се баџанаци, сопрузи од две сестри.

Верувам дека и сега претседателката на ДКСК, ако ја прашаат за фотографијата на Весна Дамева од СДСМ и можноста за понатамошни влијанија, веројатно одговорот би бил и сега ист, како и за изборот на Ислам Абази, по кој ДКСК констатира дека фотографијата „остава простор да се верува дека постоело некакво влијание“. И толку!

Или во нејзин слободен стил, таа ќе каже дека тоа е само перцепција. Јас во тоа подразбирам порака дека корупцијата е измислена, неа ја нема. Не е смешно, трагично е.

НЕСРАЗМЕРНОСТ КАЈ ИМОТОТ

Но, ако некој досега го чуеше моето спојување и улогата на ДКСК во судството, сега го отворам големото прашање што ДКСК сами го наметнаа, а тоа е зошто не е реализирана програмата за ставање под лупа на судиите, ветена на 30 декември 2020 година, како најава за активностите за 2021?

Судиите, според Годишниот план за проверка на имотната состојба и интереси на ДКСК, ќе бидат проверени во вториот, односно третиот квартал на годината. Меѓу судиите на кои ќе им биде проверен имотот се и двајца претседатели на судови. Паралелно со ДКСК, свои постапки за проверка, но за работата на судии, следната година ќе врши и Судскиот совет… “, ова беше информацијата за јавноста од ДКСК и Билјана Ивановска.

Две години потоа нема никаква информација.

А, на пример, доволно е само да ги отворите анкетните листови на дел од судиите за да констатирате несразмерност во нивниот имот спореден меѓусебно, но и споредено со нивните примања. Нешто не е во ред.

Верувам, почитувани, дека на следните мерења на јавното мислење, на јавната перцепција, покрај судството треба да се најде и ДКСК, со прашање – колку тие придонесуваат во основната функција содржана во насловот СПРЕЧУВАЊЕ на корупцијата наместо само констатирање.

Би сакал да грешам во проценката дека и оние 8 проценти доверба во судството наскоро ќе бидат недостижни.

(Авторот е портпарол на ВМРО-ДПМНЕ)

Поврзани новости