На денешното рочиште за случајот “Плацевите на Водно”, обвинителката Лиле Стефанова продолжи со презентирање на материјалните докази. Таа презентираше документи прибавени од Централниот регистар, а поврзани со историјатот на фирмите кои се јавуваат како купувачи на “Плацевите на Водно”.
Таа ги презентираше докази за основањето на “Сирах инженеринх”, фирма која се јавува како купувач на две парцели од 11.000 квадратни метри на Водно, кои според обвинението, екс премиерот Никола Груевски ги купил за себе и тоа со партиски пари.
Па кога обвинителката ги читаше документите од досието за “Сирах”, покрај името на управителот Ристо Новачевски, кум на Груевски, и презентирајќи фотокопии од негова лична карта и пасош, прикажа и копија од пасош на Александар Ивановски- Алек Теранова.
Тогаш реагираше адвокатот на Сашо Мијалков, Петар Василев, кој истакна дека по оваа логика обвинет требало да биде и лицето Александар Ивановски, бидејќи, како што рече, и тој ги превзел сите дејствија за основање на ова правно лице.
-Обвинителката е должна да каже зошто ова лице не е обвинето, бил припадник на групата, но против него не е покрената кривична постапка. Само заради перцепција на обвинителката не е обвинет, па токму заради тоа мора да обрзложи зошто не е обвинет, истакна адвокатот Василев.
Судијата Илија Трпков истакна дека во оваа фаза не може да дискутираат зошто одредено лице не е обвинето.
Инаку, Алек Ивановски на некое од следните рочишта ќе треба да се појави како сведок на обвинителството.
На судењето продолжува изведувањето на материјалните докази.
Покрај Новачевски, во скучајот осомничени се и Груевски, екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев, мајка му Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.
В.В.