Во 2020 година, тогашната Агенција за млади и спорт, која неодамна се трансформираше во Министерство за спорт, спроведе тендер за изградба на 6 затворени пливачки базени во вкупна вредност од околу 4 милиони евра. Иако одамна требаше да бидат изградени, со оглед дека рокот беше 2022 година, досега завршен е само базенот во Тетово, додека базените во Кисела Вода, Ѓорче Петров, Штип, Битола и во Кичево се далеку од готови и плус ќе чинат повеќе од првично предвиденото.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Во рамки на тендерската постапка пред 5 години, беа склучени договори со 2 градежни компании во вкупна вредност од 244 милиони денари или скоро 4 милиони евра. Една од нив беше „Еуровиа“, која за над 700 илјади евра го градеше и веќе го изгради базенот во Тетово. Арно ама, најголем дел од колачот добила скопската фирма „Енергоинвест Трејд Глигор“, која склучи договори од 3,2 милиони евра за базените во Кисела Вода, Ѓорче Петров, Штип, Битола и Кичево. Ниту еден од овие базени се уште не е изграден.
Тогаш, од АМС на чело до Дарко Каевски објаснија дека на јавното отворање биле доставени вкупно 14 понуди, при што 4 понуди не се квалификувале за понатамошно учество во постапката поради неисполнување на условите за квалитативен избор. Извештајот од спроведената постапка што го обезбедивме, пак, откри дека една од дисквалификуваните компании била етаблираната австриска компанија „Штрабаг АГ“, со образложение дека документацијата ја потпишале со невалиден дигитален сертификат. Елиминирани биле и домашни фирми.
Воедно, извештајот обелоденува уште еден момент, имајќи во предвид дека содржи и забелешки од двајца од петтемина членови на Комисијата, што ја спровела оваа јавна набавка. Меѓу нив бил и претседателот Борче Митков, кој посочил дека понудените цени ги надминуваат средствата предвидени за оваа намена во државниот буџет за 44 милиони денари во споредба со проценетата вредност на набавката и средствата обезбедени со одлуката за јавната набавка во износ од 200 милиони денари.
„Со дообезбедување средства се ставаат во понеповолна положба сите учесници во постапката, а доколку понудените цени за изградба на 6 пливачки базени се реални со пазарните, тогаш се поставува прашањето зошто е згрешена проценетата вредност на набавката“, навел Митков во забелешката, кој заедно со уште еден член на Комисијата побарале поништување на постапката.
Каква е моменталната ситуација? Како што не известија од Министерството за спорт, во моментот изградбата на петте базени е во различна фаза на секоја локација. Поточно, во Кисела Вода, Ѓорче Петров и во Штип, работите се во понапредна фаза и потребно е да се заврши фазата машинство и дел од електрика и водовод за базените да бидат завршени, а во Битола и во Кичево потребно е да се монтираат коритата итн.
„Објектите не се завршени во предвидениот рок од причина што не биле обезбедeни доволно финансиски средства, немало политичка волја да се завршат отпочнатите проекти. Ние го откочивме процесот и согласно предвидената динамика, овие пет базени се предвидува да бидат завршени до крајот на летниот период“, велат од Министерството на чело со министерот Борко Ристовски.
Понатаму, од таму нè информираа дека изведувач на базените останува „Енергоинвест трејд“, со кој поранешната Агенцијата за млади и спорт склучила договор пред 5 години. Тоа што е интересно е што подизведувач прифатен од инвеститорот е „Еуровиа“, која го изгради базенот во Тетово. Дополнително, интересно е тоа што банкарската гаранција не ја обезбедил изведувачот, туку подизведувачот „за сметка и корист на инвеститорот, а во име на изведувачот“.
Сепак, во официјалниот одговор недостига фактот дека на терен базените ги гради сосема трета фирма. Станува збор за тетовското друштво „Вивинт“, основано во 2022 година за изградба на станбени и нестанбени згради. Како сопственик на оваа компанија, чиј назив може да се сретне и на таблите поставени на местата каде што се градат базените, се јавува Зерафет Шефити, а управител e Садат Аљиљи.
Што се однесува до цената на чинење, според официјалните податоци до кои дојдовме, вредноста на базените во Кисела Вода и Ѓорче Петров изнесува 93,1 милиони денари, во Кичево – 49,4 милиони денари, во Штип – 46,7 милиони денари и во Битола 50,1 милиони денари. Значи, доколку овие суми останат и со завршната времена ситуација, произлегува дека 5-те базени ќе чинат околу 3,8 милиони евра, колку што првично беа проектирани за изградба на сите 6 базени, заедно со веќе изградениот во Тетово.
Оттука произлегуваат неколку заклучоци. Прво, изградбата на 5 од 6-те базени веќе длабоко доцни. Второ, нивната цена на чинење ќе се зголеми во однос на првично планираните средства и висина на склучените договори, така што испаѓа дека првичната сума била доволна за еден базен помалку. И трето, 5-те базени ќе ги догради сосема трета фирма, откако подизведувач ја обезбедил потребната банкарска гаранција за избраниот изведувач.
Дополнително, изведувачот „Енергоинвест Трејд“ моментално има негативна референца, заедно со поврзаната „Бауер БГ“, која патем има и блокирана банкарска сметка. Имено, моментално „Бауер БГ“ е во сопственост на Благој Димитров и Гордана Димитрова, а управител е Горан Димитров. Во врска со „Енергоинвест Трејд“, сопственик е Гордана Димитрова (косопственик на „Бауер“), а управители се Глигор Димитров и Љубен Илиевски.
Во споредба со периодот пред 5 години, кога друштвото го доби тендерот за базените, се забележува дека актуелниот управител на „Бауер БГ“, Горан Димитров, е надвор од сопственичката структура на оваа компанија, но и на „Енергоинвест Трејд“, каде веќе го нема ниту Благој Димитров, туку единствен сопственик сега е Гордана Димитрова. Впрочем, овие промени се случуваат во време кога се отвори истрага за изведба на владината фасада за 17,7 милиони евра, по која неодамна беше поднесено обвинение и против управителот на „Бауер“.
Моментално, двете компании имаат и активни негативни референци, односно забрана за учество на тендерски постапки со времетраење од 30.12.2024 до 30.06.2025 година, поради необезбедување на гаранција за квалитетно извршување на работите. Како што не информираа од Бирото за јавни набавки, утврдено е дека за економските оператори „Бауер БГ“ и „Енергоинвест Трејд“ е издадена негативна референца од страна на договорниот орган Општина Гази Баба.
Затоа, се обративме и до Општината Гази Баба, од каде пак не известија дека економскиот оператор „Бауер БГ“ како најповолен понудувач и член на група со економскиот оператор „Енергоинвест Трејд“ – носител на група, склучиле договор за јавна набавка за изградба на новопроектирана улица на 18.12.2024 година, со рок на реализација од 18 месеци од вовед во работа и рок на важност од 12 месеци.
„Согласно склучениот договор член 18 став 5 и член 25 став 1, како и согласно член 102 став 5, економскиот оператор не достави целосни банкарски гаранции. Доставените банкарски гаранции се ненавремено и некомплетни доставени. Односно, банкарската гаранција за квалитетно извршување на договорот и авансната банкарска гаранција беа доставени со пократок рок од утврдениот рок во договорот.
Вака доставените банкарски гаранции се неприфатливи за Комисијата, па поради тоа се одлучи договорот да се раскине еднострано и да се објави негативна референца согласно член 101 став 7 од Законот за јавни набавки, како на носителот така и на членот на групата економски оператори“, се наведува до одговорот што го добивме од Гази Баба, на чело со градоначалникот Боби Стевковски.
Уште пред еден месец, до „Бауер БГ“ и до „Енергоинвест Трејд“ испративме повеќе прашања поврзани со негативните референци, неколку договори за јавна набавка, вклучително и оној за 5-те затворени базени, како и за истрагата и обвинението за управител на една од компаниите, но не добивме никакви одговори. Сепак, дел од бараните информации ги обезбедивме од страна на надлежните институции.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.