Зоран Верушевски ќе добие 1,7 милиони денари отштета за времето поминато во притвор за предметот „Пуч“

by Fokus

Врховниот суд на Република Северна Македонија известува дека во правната работа на тужителот Зоран Верушевски, поранешниот разузнавач ќе добие 1,7 милиони денари отштета за тоа што бил приморан да биде во притвор за предметот „Пуч“ – 344 дена во 2015 година.

Од Врховен информираа дека „со пресудата се преиначуваат пресудите на Апелациониот суд Скопје ГЖ.бр.3171/21 од 10.12.2021 година, пресудата на Основен граѓански суд Скопје П4-147/21 од 26.05.2021 година, и решението за исправка на Основен граѓански суд Скопје П4-147/21 од 10.06.2021 година, во делот на усвоеното тужбеното барање и одлуката за трошоци на постапката и се задолжува тужениот на тужителот Зоран Верушевски, на име нематеријална штета за претрпени душевни болки поради повреда на личните права – чест, углед и слобода поради неоправдано лишување од слобода – притвор, да му исплати паричен надоместок во износ од 1.720.000,00 денари, со законска казнена камата во висината на референтната стапка на НБ на РСМ што за секое полугодие важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие зголемена за осум процентни поени, сметано од денот на пресудувањето – 26.05.2021 година, до конечната исплата, во рок од 15 дена по приемот на пресудата“.

„Врховниот суд на Република Северна Македонија, го одби како неосновано поголемото тужбено барање на тужителот за надомест на име нематеријална штета за претрпени душевни болки поради повреда на личните права – чест, углед и слобода поради неоправдано лишување од слобода – притвор, за разликата од досудениот износ од 1.720.000,00 денари, со оваа пресуда, до износот од 2.580.000,00 денари, со законска казнена камата, сметано од ден 26.05.2021 година, којшто е досуден со првостепената пресуда, а потврден со второстепената пресуда, од причина што оцени дека истиот е превисоко поставен“, се наведува во пресудата.

Поврзани новости