Со моето семејство сум и со родителите во нашиот дом во Штип, преубаво ми е, сите заедно собрани, уживаме – за ,,Фокус” раскажува штипјанецот Зоран Ванев, фолк музичарот кој пред околу две децении беше помеѓу најпопуларните во земјава, но и во соседството, а потоа во екот на популарноста се пресели во Швајцарија.
Појаснува дека секое лето си доаѓа во родниот крај и за ништо не би ја пропуштил средбата со најблиските. Ќе останел во Македонија до крајот на месецот, затоа што назад во Швајцарија го чекале работните обврски, клиниката за природна медицина во Цирих, на која и е посветен изминативе години.
-Секогаш кога доаѓам во Македонија, најважно ми е квалитетното време минато со блиските и со родителите. За мене тоа е најубавиот и најрелаксиран одмор. Не мислам на ништо друго, уживам во моментот. Ако започнам да размислувам за други работи, за впечатоците од овде, за тоа какви и дали воопшто има некакви промени на подобро, знам дека нема да имам мирен одмор.
Вака, се изолирам од се и си уживам во мојата куќа со фамилијата. Овде имам се што ми е потребно за убав летен одмор и тоа ми е сосема доволно – вели Ванев.
Оние кои го познаваат, за него знаат да кажат дека е човек кој секогаш ја гледа позитивната работа, во било која ситуација, и низ животот минува релаксирано. Тој вели дека неговото мото е сам како ќе си средиш во животот, така ќе си живееш, односно сите сами сме креатори на сопствениот живот.
-Подолг период живеам во Швајцарија, но каде и да сум, секаде знам да направам да ми биде убаво во животот. Засега не планирам да се враќам во Македонија, освен на летување, но како што велат, никогаш не викај никогаш. Можеби некогаш Македонија ќе стане како втора Швајцарија – се смее музичарот.
Додава дека музиката секогаш е дел од него, но сепак сега неговата професија, природната медицина, останува негов приоритет.
-Додека сум во Македонија имам договорени некои снимања на нови материјали, во план ми е нова песна. Но, сепак, нема тенденциозно враќање на сцената, снимам и пеам за душа, сериозно сум посветен на работата во клиниката – ни изјави Ванев.
За клиниката во Цирих за прв пат јавно раскажа за ,,Фокус” пред пет години. Појасни дека дипломирал на Парацелсус Академијата за Алтернативна медицина во Цирих, и бил првиот Македонец во Швајцарија кој ја има титулата Доктор за природна медицина, призната во целиот свет, како и во сите установи на државно ниво во Швајцарија.
Вики Клинчарова