По шест години од убиството на српската пејачка Јелена Крсмановиќ, денес во Белград беше осуден нејзиниот сопруг, композиторот Зоран Марјановиќ, на затворска казна од 40 години.
Тој е прогласен за виновен за смртта на Јелена, која беше пронајдена во канал, со тешки повреди по телото и главата.
Случајот со бруталното убиство на Јелена (32) беше следено од целиот регион. Денешното судење, поради големиот интерес на јавноста, исто така беше покриено од речиси сите српски медиуми.
Зоран во судницата дојде заедно со неговата девојка Зорица, со синот Урош од првиот брак и со братот Милош. Иако на почетокот Марјановиќ изгледаше опуштено, па на моменти дури и се насмевнуваше, сепак пред изрекувањето на пресудата, тој започна силно да плаче додека го прегрнуваше синот.
По изрекувањето на пресудата беше веднаш однесен во затвор.
Зад Јелена и Зоран остана малолетната ќерка Јана. Тетката на Јелена, Љубица Марковиќ пред српските медиуми изјави дека ќе бара старателство над девојчето, кое по смртта на мајката и затворската казна на таткото, нема блиски роднини кои би се грижеле за него.
Како потсетување, мајката на Јелена почина неколку месеци по нејзиното убиство, а пак мајката и таткото за Зоран починаа минатата година.
Јелена беше убиена на втори април 2016 година, во канал покрај насип во населбата Црвенка, во Борча. Телото и беше пронајдено наредниот ден. Нејзиниот сопруг Зоран пријавил во полиција дека исчезнала додека трчала, а потоа беше постојано застапен во медиумите и повикуваше побргу да се најде убиецот и да се реши случајот.
Вики Клинчарова