Трет ден директорот на ЗОО Скопје, Зоран Попов молчи и не се огласува јавно по повод веста дека зоолошката го изгубила кандидатскиот статус за членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА).
Неофицијално, тоа се случило бидејќи во последните две години институцијата не испочитувала договори и поради неспроведување на проекти.
Уште пред една недела „Фокус” бараше одговор на прашањето за изгубениот статус, но од таму замолија да се стрпиме неколку дена, по што директорот ќе излезел со официјална изјава.
Пред три дена, “Фокус” телефонски го контактираше Попов, кој кратко ни кажа дека во тек на ден ќе ја објавел изјавата по повод прашањето. Но, и по три дена, тоа не се случи.
Додека јавноста очекува транспарентност и одговор на прашањата, на официјалната Фејсбук страница на зоолошката, се објавуваат текстови за лемури, по повод светскиот ден на јогата, бидејќи овие животни биле основоположници на дисциплината, а во Скопје ЗОО годинава имале многу подмладоци од овој вид.
Се објави и информација за едукативна работилница за деца која ќе се одржи во сабота, но она кое јавноста го очекува – детали за изгубениот кандидатски статус, зошто се случило тоа, и на кој начин животните и зоолошката ќе бидат ефектирани поради оваа одлука – се уште нема.
И денес директорот не одговори на нашите телефонски повици.
Ѓорѓи Галетановски пак, кој беше на чело на институцијата до пред две години, и во чиј директорски мандат зоолошката доживеа голем напредок, пред три дена за „Фокус” појасни дека според него, изгубениот статус значи огромна штета за животните и генерално за зоолошката градина.
Со губењето на кандидатскиот статус, се губело правото да се соработува со други зоолошки градини, и останувала соработката единствено со етно села. Ќе останела само со оние животни кои веќе ги има, па порача вработените добро да се грижат за нив. Исто така, влезот во ЕАЗА ќе значел градината да стане независна од општинскиот буџет, и ќе можела самостојно да спроведува нови проекти, но со последните настани се изгубила таа можност.
Инаку, сегашниот директор на зоолошката дојде на оваа функција на почетокот на годината. Пред него, откако Данела Арсовска е градоначалничка на Скопје, беа сменети двајца директори.
За него, од Град Скопје информираа дека доаѓа од редот на вработените, и бил економист со 20-годишно искуство.
Вики Клинчарова