Зоки Поки ќе ги враќа вредностите кои исчезнуваат!

by Fokus
Деновиве во Скопје во тек е снимањето на телевизиската серија ,,Зоки Поки”. Ќе се снимаат десет епизоди на повеќе локации, а снимањето е предвидено да заврши кон средината на септември.
Серијата се снима според култната книга на Оливера Николова, а љубителите на оваа лектира која е популарна со децении наназад, се радуваат поради проектот.
„Зоки Поки“ е книга за деца првично објавена во 1963 година од страна на „Детска радост“, по што следувале голем број изданија. Повеќе од половина век книгата била задолжителна лектира за учениците во македонските основни училишта. Преведена е на српски, романски, украински, чешки, италијански, словенечки, турски, албански и германски јазик.
Режисерот Александар Поповски и продуцентот Роберт Насков се одлучиле за екранизација токму на „Зоки Поки“ не само затоа што сметаат дека ова култно литературно дело е релевантно за многу различни генерации, туку и поради недостаток на домашна ТВ програма за деца.
-Со желба за враќање на вредностите кои полека исчезнуваат, Поповски и Насков сакаат да создадат ТВ проект кој ќе им го задржи вниманието на децата кои растат во денешното „брзо“ време. „Зоки Поки“ е прв заедничи проект на Поповски и Насков по филмот „Балканот не е мртов“ во 2013 година. Последен ТВ проект на Насков и „Кино Око“ е ТВ-серијата ,,На терапија,,, која е првата македонска ТВ серија снимена според странска лиценца – информираат на официјалната страница на продукцијата задолжена за снимањето на серијата.
Од таму се уште не откриваат кои се главните актери кои ќе ги толкуваат улогите на Зоки Поки, Лидија, Боки, Гоки… На кастингот кој се одржал пролетва се пријавиле околу 200 деца.

Вики Клинчарова

Поврзани новости