Оваа година Македонија ќе учествува во престижниот избор за Мис на универзумот („Miss Universe“), со гала вечерта на која ќе се избере македонскиот претставник за глобалното натпреварување, за ,,Фокус” открива новинарот и инфлуенсер Зоран Василевски, познат како Зоки Фаци.
Тој деновиве се врати од Турција, каде на тамошна клиника му беа извршени испитувања поради тешката дијагноза со која се справува веќе извесен период, и наскоро го очекува хируршка интервенција на приватна клиника во Македонија.
Но, и покрај здравствените предизвици, Василевски во улога на национален директор на изборот за Македонија, посветен е на проектот со кој преку убавина се промовира државата на светско ниво. Во тек е пријавувањето на девојките, и имало голем интерес.
-Настанот ќе се одржи на осми октомври во салата на Македонската опера и балет, а победничката ќе ја претставува нашата земја на глобалното дефиле кое ќе се одржи на 16-ти ноември во Мексико Сити, Мексико.
Право на учество на изборот за Miss Universe имаат сите државјанки на Македонија кои живеат во државата и кои наполниле 18 години до први јануари во годината. Пријавувањата се веќе достапни на официјалниот веб сајт www.missnorthmacedonia.com, појаснува новинарот.
Додава дека настанот е од голема важност за Македонија, бидејќи ја промовира земјата на светско ниво, но исто така е од голема важност и потенцијалната претставничка, бидејќи се работи за престижен настан кој би значел голем чекор напред во кариерата на избраната мисица.
-Горди сме што Македонија повторно е дел од ова глобално натпреварување. Мис на универзумот не е само избор за убавина, туку и платформа која нуди можност за младите девојки да се претстават пред светот и да покажат дека доаѓаат од земја полна со талент, култура и потенцијал.
Се радувам што повторно им овозможуваме на нашите млади девојки да учествуваат на ваков престижен избор, вели Фаци.
Според информации од организаторот, досега се пријавиле повеќе од 100 девојки, што го потврдува големиот интерес на многу талентирани девојки кои ќе се борат за шансата да ја претставуваат Македонија на меѓународната сцена.
Вики Клинчарова