Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) реагираат на настаните што се случија вчера на директниот пренос на „Само Вистина“ на ТВ Канал 5, каде во улога на гостин беше Исмет Рамадани, поранешен пратеник и актуелен советник на претседателот на Владата и новинарот Горан Момировски, а уредник на емисијата беше Александар Видиновски.
„Со нашата реакција сакаме да ја истакнеме важноста од потребата за одржување на новинарските стандарди, обезбедување дискурс со почитување и заштита на уредувачката независност“, велат ЗНМ, ССНМ и СЕММ.
„Во општество каде што телевизијата во живо игра улога во обликувањето на јавниот дискурс, од најголема важност е сите учесници да одржуваат висок стандард на комуникација и да говорат со почит кон соговорниците, но и кон публиката. Тоа не беше случај во еден дел на дебатата, но модераторот Видиновски направи напор да ја деескалира ситуацијата и да го одржи стандардот со професионализам и смиреност што се бара од медиумските практичари. Сепак, инцидентот доби загрижувачки пресврт кога директорот на Канал 5, Иван Мирчевски, интервенираше на телевизија во живо, со барање Рамадани веднаш да го напушти студиото.
ЗНМ, ССНМ, СЕММ изразуваат сериозна загриженост во врска со оваа интервенција, бидејќи директно го нарушува принципот на уредувачка независност што е камен-темелник на независното новинарство. Дејствијата од ваква природа можат да и наштетат на независноста на медиумот и да ризикуваат да ја поткопаат довербата на јавноста во медиумите генерално.
Категорично ги осудуваме сите дејствија кои ја компромитираат уредувачката независност од страна на раководните структури на медиумите, а дополнително ја нагласуваме важноста од зачувување на овој принцип за одржување на кредибилитетот на новинарството во Македонија. Коментарите на Рамадани кон водителот Видиновски, кои во одреден дел од дебатата беа конфронтирачки, не смеат да бидат оправдување за таков тип на интервенции.
Во контекст на вчерашните настани, ги повикуваме сите медиумски професионалци, јавни личности и учесници во јавните дебати да придонесат позитивно и со почит кон јавниот говор, поддржувајќи ги принципите на почитувана комуникација и уредувачка независност“, се наведува во соопштението на ЗНМ, ССНМ и СЕММ.