Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Независниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) сметаат дека Владата треба да се воздржи од избрзани и недоволно обмислени решенија во медиумската сфера, особено во период на предизборие.
„Економската криза предизвикана од коронавирусот влијае на кревката финансиска моќ на медиумите генерално и затоа Владата треба да ги исцрпи сите останатите можности за поддршка на медиумите, пред да се размислува за каква било директна финансиска помош“, се вели во соопштението.
Оттаму предлагаат, Владата дополнително да ги ослободи телевизиите и радијата од многубројни давачки кон државата пред се кон АВМУ и кон Агенцијата за електронски комуникации а со цел да го помогне нивното работење во услови на криза.
„Освен ова, дополнително треба да се направи анализа за нови линеарни даночни олеснување на традиционалните, но и онлајн медиумите зошто на тој начин Владата ќе демонстрира дека се грижи медиумите да имаат поволни услови за функционирање во кризно време, а истовремено нема да покаже дека има селективност во поддршката“, се нагласува во соопштението.
Новинарските асоцијации, исто така, сметаат дека Владата треба и посвети внимание и на кризата на програмската содржина на медиумите која постои и пред коронавирусот.
„Владата треба да се размислува за креирање на привремена поддршка за иновативни и креативни медиумски проекти, односно продукти од јавен интерес, за сите медиуми, со што би се подобрил квалитетот на програмата, како и економската состојба на новинарите“, сметаат од ЗНМ, ССНМ и СЕМ.