Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на опструкцијата и попречувањето на новинарите и медиумските работници да ја вршат својата работа од страна на неодговорни поединци, жители на селото Галате, општина Врапчиште.
Според информациите кои пристигнаа до ЗНМ од страна на колегите новинари и медиумски работници, денеска при земање на изјави и снимање на инсерти екипите на ТВ АЛСАТ и ТВ21 биле вербално нападнати и спречени да ја извршат својата професионална работа на јавен простор.
Сакаме јасно да истакнеме дека односот кон новинарите и медиумите кои работат на терен е од особена важност за слободата на информирање и изразување во демократското општество.
Очекуваме дека ќе има брза истрага за инцидентот со цел одговорните да сносат последици, а воедно да се спречат и демотивираат вакви инциденти во иднина.
Укажуваме дека попречувањето на новинарите и медиумските работници да ја извршуваат својата професионална задача е неприфатливо и придонесува кон цензура.