ЗНМ: Собрани парите за казната на „Фокус“

by Фокус

Акцијата за солидарност со новинарите на „Фокус“ заврши со успех. На сметката на Солидарниот фонд на ЗНМ собрани се сите 9.300 евра, информираше денеска претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани.

– Во наредните денови ќе ги префрлиме собраните средства на нашите колеги кои како надомест за нематеријална штета треба да му ги исплатат на директорт на Управата за безбедност и за контрарузнавање, Сашо Мијалков. Уште еднаш сакам да им се заблагодарам на сите новинари и граѓани кои во изминативе две недели донираа за нашите колеги. Ние како ЗНМ застанавме зад нашите колеги затоа што верувавме дека одлуката на судот беше неправедна. Никој не смее да биде казнет само затоа што професионално ја извршува својата работа. Во конкретниот случај се работи за пренесена изјава од релевантен извор и е прашање од јавен интерес. ЗНМ и во иднина ќе ги поддржи колегите коишто неправедно ќе бидат осудени за клевета и со тоа нема да дозволиме некој со високи казни да ги обесхрабри нив, критички да ја опсервираат работата на институциите. Ако некој сметаше дека со 9.000 евра ќе ги скрши новинарите, во тоа не успеа – изјави Селмани и додаде дека за прв пат зад новинарите застана македонската демократска јавност.

Главната уредничка на „Фокус“ Јадранка Костова рече дека е задоволна од солидарноста на новинарите и граѓаните и информираше дека правдата ќе ја бараат и во Стразбур.

– Иако националните медиуми не известија за солидарната акција, сепак парите кои треба да му се исплатат на Мијалков се собрани. Оваа парична казна нема да не заплаши да известуваме професионално –  додаде Костова.

Поврзани новости