Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро го осудува арогантниот однос на поранешниот министер за правда, Аднан Јашари, кој побара од новинарката на „Фокус“ Фросина Факова-Серафиновиќ да избрише текст поврзан со полагањето правосуден испит од страна на синот на претседателот на Собранието Талат Џафери во 2015 година.
-Потсетуваме дека ваквата постапка е спротивна на членот 16 од Уставот каде се гарантира слободата на изразување и се забранува цензурата. Ваквиот однос претставува притисок на слободата на информирањето на јавноста и загрозување на јавниот интерес, се вели во реакцијата.
Ова е втор случај неделава на непримерна и недозволива комуникација кон новинари и затоа ЗНМ алармира дека ваков однос кон новинарите и медиумските работници од страна на одговорни лица или поранешни државни функционери е неприфатлив.