Откако на новинар денеска од страна на вработен во МНР не му беше дозволено да постави прашање по прес-конференцијата на министерот за надворешни работи Никола Димитров и медијаторот Метју Нимиц, реагираа од ЗНМ, од каде овој настан го оценија како притисок врз медиумите.
„Остро го осудуваме однесувањето на претставникот на МНР, кој што денеска во текот на прес конференцијата на посредникот Метју Нимиц, се обиде да го спречи новинарот на ТВ21, Фуркан Салиу да постави прашање. Овој обид на МНР е целосно неприфатлив и ја загрозува слободата на медиумите и правата на граѓаните да бидат информирани за прашања од јавен интерес. Слични инциденти ја оцрнуваат сликата на новата влада и ја уриваат довербата кај граѓаните за работата на владата. Бараме од МНР да го истражи случајот и да преземе одговорност за лицето, со цел да се спречат слични инциденти во иднина. Го поздравувам колегата Салиу кој што му се спротивстави на притисокот и продолжи да дејствува според професионалната етика служејќи му на јавниот интерес“, велат од ЗНМ.