Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) стравува дека со одлуките на Советот на Агенцијата за медиуми се дава можност националните медиуми да отпуштаат од работа новинари и технички кадар.
– Жалиме што Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не ги прифати нашите амандмани кои се однесуваат на новиот Правилник за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за телевизиско и радио емитувањe. Со новиот правилник на приватните национални телевизии со терестријална дозвола од општ формат им се намалуваат обврските во однос на кадровското екипирање со што бројот на вработените од 100 се намалува на 80, од кои 30 треба да бидат новинари. Сметаме дека ваквото намалување на бројот на вработените во националните телевизии е неоправдано затоа што најголем дел од нив остваруваат профит – се вели во денешната реакција на ЗНМ.
Ставот на ЗНМ и на членот на Советот на Агенцијата предложен од ЗНМ, Зоран Фидановски, бил да остане постојното решение во Правилникот според кое приватните национални телевизија имаат обврска да вработат 100 вработени со 30 проценти новинари.
Освен тоа ЗНМ предложи секоја национална телевизија задолжително да има најмалку шест дописнички центри во Македонија со барем двајца вработени еден новинар и еден снимател во редовен работен однос.
– Со тоа телевизиите ќе создадат предуслови за покривање на теми од локално значење и со тоа ќе ја збогатат информативна програма на телевизиите и ќе ја зголемат гледаноста на овие медиуми во внатрешноста на земјата – велат од новинарскта асоцијација.