Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразува загриженост во врска со денешниот избор на предлог кандидати за членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) во собраниската Комисија за избори и именувања.
Од ЗНМ велат дека загрижува фактот што дел од избраните кандидати на кои им беше дадена можност да учествуваат на јавната расправа не ги исполнуваат ниту формалните услови според објавениот оглас. Воедно, додаваат дека е проблематична и партиската позадина на дел од кандидатите што се предлагаат за гласање во Собранието. Во исто време не се земени предвид кандидати кои имаа извонредно професионално портфолио.
„На денешната седница изостана транспарентност при изборот на кандидатите, јасни критериуми и соодветно бодување и селекција која ќе покажеше целосна непристрасност при изборот на најдобрите кандидати. Ваквиот начин на избор отвори простор за сомневања дека при изборот на кандидатите собранието се води од политички договори и компромиси, а не избира според професионални критериуми, како што треба да биде при избор на членови на независно регулаторно тело како што е ААВМУ.
Потсетуваме на важноста од политичка независност и професионалност на ова регулаторно тело. ЗНМ ја истакнува важноста на изборот на компетентни и независни членови во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ). Ова е клучно за обезбедување на ефикасноста и непристрасноста на регулаторното тело, особено во време кога се разгледуваат измените на Законот за медиуми кои предвидуваат проширување на надлежностите на Агенцијата, вклучувајќи создавање волонтерски регистар за онлајн медиумите и можност за формирање Фонд за поддршка на медиумскиот плурализам.
Укажуваме дека работата на медиумскиот регулатор редовно е под лупа на Европската комисија и останати кредибилни организации како што се Репортери без граници и Фридом Хаус. Ефикасноста на нивната работа, освен што влијае на подобрување на условите во кои работат сите медиуми во земјата, има особено значење во евроинтегративните процеси на државава“ наведуваат од ЗНМ.
Според ЗНМ, само со професионален состав, со кредибилитет и интегритет ААВМУ ќе може успешно да ги исполни новите обврски и да ја задржи својата улога како независен регулатор во медиумскиот простор.
Затоа, апелираат до пратениците и Собранието да покажат одговорност при изборот на членовите на Советот, имајќи предвид дека нивните одлуки директно влијаат врз слободата и плурализмот на медиумите во нашата земја.