Здружението на новинарите на Македонија преку својот адвокатски тим денеска поднесе претставка до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР за онлајн заканите упатени кон колегата Адриан Керими од АЛСАТ.
Конкретно станува збор за монтажа на фотографии од Керими каде се инсинуира дека тој земал пари од поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. Во објавата има и елементи на етничка дискриминација.
ЗНМ смета дека вакви малициозни конструкции служат за етикетирање и деградирање на новинарите со што се поткопува новинарскиот интегритет. Ова особено е сензитивно бидејќи се случува во период на предизборие со што директно се влијае на безбедноста на новинарите и медиусмките работници во земјава.
ЗНМ ќе инсистира на брза и ефикасна истрага за овие онлајн закани кон колегата Керими и ќе го следи случајот.