ЗНМ: Новиот директор на „Телма“, Атанас Кировски ја деградираше поранешната главна уредничка на телевизијата

by Фокус

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) најостро реагира поради одлуката на директорот и главен и одговорен уредник на „Телма“ Атанас Кировски , поранешниот одговорен уредник на информативната програма Емилија Лазаревска да ја деградира во репортер во утринска програма.

– Несфатливо е како е можно еден менаџер кој по вокација е новинар, да ја деградира својата колешка која во изминатите 17 години успеала да даде голем придонес во изградбата на телевизијата, а особено на вестите во чие основање и развој учествувала од самиот почеток. Независните мониторинзи на работата на националните телевизии покажува дека „Телма“ во сите изминати изборни процеси известувала балансирано и професионално, а тоа е потврдено и во извештаите на ОБСЕ, која како организација, ја следи и работата и известувањето на медиумите за време на избори – се вели во реакцијата на ЗНМ.

Впрочем, и Советот за радиодифузија (Агенција за медиуми), коментираат од новинарската асоцијација, во 2013 година во изготвената Анализа на пазарот на радиодифузната дејност, констатира дека вестите се програмскиот сегмент со најголема гледаност од целокупната понуда на „Телма“. ЗНМ вели дека истата година ова регулаторно тело спроведува анкета за испитување на јавното мислење за влијанието на медиумите, според која, вестите на „Телма“, чиј одговорен уредник е токму колешката Лазаревска, се со најголема доверба кај граѓаните.

– Последните анализи и анкети , вклучувајќи ја и онаа на Нилсен Медиа Рисрч, покажуваат дека во првата половина од оваа година гледаноста на вестите постојано растела, а довербата во нив убедливо е зацврстена пред сите други телевизии во Македонија. Според ова, а и со оглед на тоа што медиумите се институции од јавен интерес јавноста треба да знае како се раководат, очекуваме од директорот Кировски да даде сериозно објаснување зошто колешката Лазаревска, која има богато новинарско искуство, е распоредена на работно место кое е предвидено за новинари почетници или новинари со мало искуство. Сметаме дека оваа одлука е спротивна на Законот за работни односи и Законот за заштита од вознемирување на работно место и е крајно неколегијална . ЗНМ во неколку наврати се обиде да биде медијатор во овој случај, но безуспешно – велат од здружението.

Поврзани новости