ЗНМ: Непрофесионален и понижувачки однос од државното правобранителство кон новинари на „Алфа“

by Fokus

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на непрофесионалниот и понижувачки однос кон новинарите од „Алфа ТВ“ од страна на државното правобранителство.

Конкретно, како што велат од ЗНМ, станува збор за одговорот на испратените новинарски прашања по електронски пат во контекст на спорните закони за енергетика, кои се во собраниска процедура, каде што правобранителството во повратна комуникација кон новинарот поставува сомнеж дали тие се испратени од новинари или не.

„Укажуваме дека јавните функционери треба да се трудат да дадат одговори на сите новинарски прашања, а не да ги игнорираат и понижуваат новинарите и медиумските работници. Новинарите се гласот на јавноста и нивна главна задача е да истражуваат и да поставуваат прашања што се од јавен интерес, а функционерите се оние што треба да дадат одговори на тие прашања и да обезбедат безбедни услови за вршење на нивната работа“, велат од ЗНМ.

Потсетуваат дека државните функционери се финансираат со јавни средства и должни се на отчетност и транспарентност пред новинарите и медиумските работници, а со тоа и кон граѓаните за својата работа.

Поврзани новости