Здружението на новинари денеска оствари средба претставници на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. На средбата од страна на ЗНМ беа споделени деталите за новиот тренд на омаловажување на новинарството и новинарите, од страна на одредени онлајн портали со невистинити, омаловажувачки и клеветнички содржини. Конкретна цел на овие дискредитации без основа се кон новинарките од неделникот ФОКУС.
Од страна на ЗНМ беше истакнато дека ваквите омаловажувања и дискредитации кон новинарките на неделникот ФОКУС претставуваат напад врз слободата на известување и слободата на медиумите ќе бидат пријавени до сите домашни и меѓународни организации кои се бават со одбрана на слободата на изразувањето.
Според укажувањата на колешките од Фокус, овие закани и лични оцрнувања се интензивирани во последниот период по серијата текстови на колешките за личности од бизнис и политичката сцена во Северна Македонија.
Покрај тоа што го осудуваме ваквиот начин на комуникација сакаме да ја потсетиме јавноста дека доколку сакаме да имаме функционална демократија потребно е високо ниво на слобода на говор и изразување, а такво нешто не може да се постигне доколку новинарите и медиумските работници работат под постојан притисок и уцени, бидејќи на тој начин единствено ќе се придонесе за создавање на атмосфера на страв и самоцензура.