ЗНМ ќе направи регистар на портали кои ги исполнуваат условите да бидат медиуми

by fokus

Формирање регистар на професионални он лајн медиуми со кој ќе и се посочи на јавноста кои медиуми ги исполнуваат критериумите да бидат медиуми, но и кои се тие кои се придржуваат до новинарскиот кодекс при своето работење и имаат транспарентно сопствеништво и импресум, најавија денеска од Здружението на новинарите на Македонија, Стопанската комора и Советот за етика во медиумите кои потпишаа Меморандум за соработка.

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски рече дека со потпишувањето на Меморандумот за соработка почнува процесот на препознавање на професионалните медиуми и таканаречените медиуми од страна на јавноста, кои имаат за цел да шират невистини и да дезинформираат.

– Борбата со дезинформациите и неквалитетното новинарство мора да почне од нас, бидејќи доколку не го направиме тоа може да дојде до регулација на онлајн медиумите, а тоа претставува и ризик за ограничување на правото на слобода на изразување. Ваквиот вид евидентирање ќе и помогне и на бизнис заедницата за да знае во кои медиуми треба да се рекламира и огласува бидејќи и тие сакаат да го помогнат, а и имаат општествена одговорност за да го поддржат постоењето на квалитетните медиуми, посочи Чадиковски.

Појасни дека процесот на изработка на критериумите за регистарот на онлајн медиуми ќе биде инклузивен, а преку одржување консултативни средби со новинари и претставници на бизнис заедницата во Скопје, но и во поголемите градови во државата каде ЗНМ има регионални центри ќе се дојде до најквалитетните решенија.

– Во периодот кој следи сите наши членови и медиуми навремено ќе бидат информирани околу активностите што ќе бидат преземени, а исто така ќе бидат поканети активно да дадат свој придонес со цел зајакнување на медиумската саморегулација пред се во сферата на онлајн медиумите, додаде Чадиковски.

Потпретседателот на Стопанската комора на Македонија, Јелисавета Георгиева Јовевска рече дека се надеваат дека регистарот на он лајн медиуми ќе биде основа на воспоставување на соработката бидејќи на тој начин платформата на пренесување на проблемите на компаниите би била унифицирана односно застапена како единствен проблем во моментот кој го има компанијата или одредена фела.

Поврзани новости