Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска ја осуди одлуката на Апелацискиот суд, со која се потврдува осудителната пресуда од Основниот суд Скопје 2 во случајот на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков против уредникот и новинарот на „Фокус“, Јадранка Костова и Владо Апостолов. Според ЗНМ одлуката е во спротивност со Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда и со праксата на Европскиот суд за човекови права.
– Сметаме дека одлуката на судиите Лидија Димчевска, Станка Зафировска и Енвер Беџети сериозно ја прекршува слободата на изразувањето и ги одвраќа новинарите да пишуваат за евентуални злоупотреби на власта. Изречените надоместоци за нематеријална штета се превисоки и непропорционални на стандардот на македонските новинари. Судот воведува неприфатлива пракса новинари да се осудат за клевета заради пренесена изјава. Ако новинарите ги проверуваат фактите на секоја изјава, како што бара судот, тогаш најголем дел од изјавите на јавни личности, не треба да се објавуваат – потенцираат од ЗНМ.
За новинарската асоцијација е нејасно зошто судот кога одлучувал по предметот не го земал во предвид фактот дека тужителот Мијалков не ја искористил можноста да одговори на обвинувањата изнесени од поранешниот амбасадор во Чешка, Игор Илиевски.
– Апсурдно е тврдењето на судот дека изјавата на Илиевски против Мијалков не е прашање од јавен интерес затоа што не се однесувала на начинот на кој тој ја извршувал функцијата. Илиевски во објавениот текст го обвинува директорот на УБК за злоупотреба на службена должност, што е прашање од врвен јавен интерес. Чудна е констатацијата на судот дека изјавата на поранешниот амбасадор не може да се третира како сериозен извор. Ако е тоа така, тогаш јавноста има право да знае како Илиевски воопшто станал амбасадор. Со овој судски процес директорот на УБК Сашо Мијалков ја игнорира препораката на Френк Ла Ру, специјален известувач за унапредување и заштита на правото на слобода на мислење и изразување на Обединетите нации, кој во последниот извештај за Македонија порачува државните функционери и политичкиот врв да се воздржат од поднесување судски тужби против новинари – се вели во денешното соопштение на новинарската асоцијација.