-Донесувањето на етичкиот кодекс без јавна расправа и без да се вклучат сите заинтересирани страни не може да го подобри известувањето на новинарите и да ја зголеми довербата на јавноста во МРТ. Напротив, на ваков начин се создава впечаток дека раководството на МРТ сака нешто да скрие од јавноста и да глуми лажен активизам пред доаѓањето на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, реагира Здружението на новинари (ЗНМ) за тоа што етичкиот кодекс на МРТ ќе се донесе без јавна дебата.
ЗНМ од Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија бара донесувањето да биде одложено и потсетува дека уште во јуни е ветена јавна расправа за кодексот, а на само еден ден од закажаното гласање, таа не е реализирана.
-Текстот на нацрт-етичкиот кодекс на членовите на Програмскиот совет на МРТ е доставен во спротивност на Деловникот за работа на Советот, кој предвидува поканата и материјалите за седниците да се достават најмалку пет дена пред одржување на седницата. Доставувањето на нацрт-текстот на кодексот, кој содржи 85 члена три дена пред одржување на седницата, и тоа за време на викенд, остава впечаток дека раководството на МРТ сака набрзина да го усвои кодексот, без да им даде можност на членовите на Советот сериозно да го анализираат и да достават сугестии”, се вели во реакцијата на ЗНМ.
Здружението досега во неколку наврати јавно побарала да и се достави нацрт кодексот, но од раководството на МРТ не им бил доставен со образложение дека уште не е готов.