ЗНМ и ССНМ се сретнаа со Заев, премиерот ветил законски измени за гарантирање на независноста на медиумите

by fokus

Претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и на Самостојниот синдикат на новинари и на медиумски работници (ССНМ) денеска се сретнале со премиерот Зоран Заев, при што се разговарало за итните медиумски реформи. Заев изразил подготвеност за спроведување на сите реформи неопходни за да се обезбеди слобода на информирањето.

Претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис и претседателот на ЗНМ Насер Селмани ги презентирале приоритетните решенија предложени од двете тела за подобрување на состојбата со слободата на медиумите. Биле презентирани модели за финансирање на медиумите, реформата на јавниот сервис, подобрување на работничките права во редакциите и за зголемување на транспарентноста и отчетноста на институциите.

Според соопштението, премиерот покажал подготвеност и политичка волја да се прекине праксата на насилство врз новинарите и да се направат сите неопходни законски измени за гарантирање на слободата на говорот и за независноста на медиумите.

Премиерот Заев посочил дека Владата е целосно насочена на тоа  да создаде услови за објективно и професионално работење на медиумите.

-Владата е подготвена во соработка со новинарските здруженија и организации да спроведе итни и квалитетни  медиумски реформи. Граѓаните имаат право да бидат навремено и точно информирани. Лошата состојба со медиумите во Македонија, констатирана во извештаите на сите домашни и меѓународни организации, оваа Влада ќе ја смени. Целта на новата Влада  е да го заштити достоинството на новинарите и медиумските работници, тие да работат без притисоци, слободно и професионално. За таа цел ќе ги земеме предвид приоритетите изложени од ЗНМ и ССНМ како неопходни во медиумската сфера, рекол Заев.

Исто така премиерот искажал подготвеност да се направат сите неопходни законски измени за гарантирање на слободата на говорот и за независноста на медиумите, за да се заштитат новинарите и медиумските работници од насилства.

Поврзани новости