Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро го осудуваат односот на премиерот Ковачевски и на вицепремиерот за економски прашања во македонската влада, Фатмир Битиќи кон колегата од Алфа ТВ, Матеја Петровски.
„Едно навидум едноставно прашање, кое треба да добие едноставен одговор, од страна на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, беше искористено од вицепремиерот Битиќи за некоректно однесување кон репортер коj одговорил на владината покана за следење на денешниот настан.
На новинарско прашање упатено до премиерот Ковачевски во врска со претстојните претседателски и парламентарни избори дали остануваат на ставот дека нема да има заедно парламентарни и претседателски избори и дали се спремни како влада ако не успеат изборите целата држава да биде во рацете на политичката партија ДУИ, вицепремиерот Битиќи го напушти пресот, а премиерот Ковачевски истакна дека прашањето било апсолутно некоректно“ се наведува во соопштението.
Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумските работници предупредуваат дека овој начин на комуникација, мора да запре затоа што новинарските прашања се професионална задача на репортерите, а одговорите се обврска на избраните функционери кои им ги должат на граѓаните.