Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, истакна дека со Меморандумот ќе се створат услови за поблиска соработка помеѓу ЗНМ и ДЗР во насока на организација на заеднички работилници и активности со цел унапредување на транспарентноста и отчетноста во работењето на институциите, како и точното и навремено информирање на граѓаните. Сето ова беше со задоволство прифатено од главниот државен ревизор Максим Ацевски кој остави отворен простор и динамика за конкретна соработка меѓу двете институции.

„Во Меморандумот се предвидува и заедничка изработка на анализи, истражувања и прирачници како и олеснет пристап до стручни материјали и литература во ДЗР и ЗНМ. Освен тоа, соработката предвидува и креирање на кампањи за осознавање на надлежностите, улогата и значењето на Државниот завод за ревизија. Овој Меморандум е во насока на градење на партнерски односи со државните институции со цел подобро и поквалитетно информирање на граѓаните за теми кои се од особен јавен интерес,“ информираат од ЗНМ.