Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро ги осудува физичките напади на новинари и сниматели на протестот против договорот за името пред Собранието на РМ.
Во соопштението на ЗНМ се потенцира дека загрижува фактот што незадоволните граѓани се уште нивниот револт го истураат врз новинарите и го повикуваат МВР итно да ги идентификува напаѓачите и да ги изведе пред лицето на правдата.
– ЗНМ, исто така, протестира против приведувањето во полиција на новинарот на Инфомакс, Борислав Стоилковиќ, поради наводно одбивање да се легитимира и снимање во лице на припадниците на полицијата. Неразбирливо е тврдењето на МВР дека новинарот одбил да се легитимира кога од снимките додека е приведуван јасно се гледа неговата новинарска легитимација, се посочува во соопштението.
Снимањето на полицајци на протести не може да биде основ за приведување на новинари затоа што таква забрана нема во ниту еден закон, наведуваат од ЗНМ. Освен тоа, се потенцира натаму, снимањето на однесувањето на полицијата на протести е од висок јавен интерес за да може да се регистрираат евентуалните злоупотреби.
– Обврска на властите е да ги заштитат и да им обезбедат услови за непречено известувањето на новинарските екипи од протести, се посочува во соопштението.
Од друга страна, пак, ЗНМ го осудува однесувањето на новинарот Стоилковиќ, кој наместо да известува од протестот, како што се наведува, станал директен учесник.
– Го потсетуваме колегата Стоилковиќ дека говорот на омраза и повикување на насилство не се споиви со новинарската професија. Тоа не е слобода на говор, туку негова најбрутална негација, се посочува во соопштението од ЗНМ.